Ден 6. четврток, 8 јули Солун – Бер - Георгиани, 117 км

Велоаџилак – ден 6

Да ме тепаш не би спиел на вакво место. Ова е е едно од оние места на кои што сме се сместувале, најчесто во темница, и нема ништо: ни вода, ни река, ни сенка, клупа, маса, ништо. Пуштај шатор, спиј, продолжи да возиш. Толку. Колку да не спеиш на точак или на асфалтон. Ни се измивме од сабајле, ни јадевме. Но сепак се разбудивме весели. Ќе одиме во Солун. Во главниот град. И што е најважно, ќе јадеме гиро. Како ли не мотивираше гирото? Марко веќе ме чекаше на патот додека јас собирав се околу шаторот. Се спакував и тргнав и јас.

 

Сврти на претходна страница >> Ден 5

Нè очекуваше удолница се до градот. Требаше да одиме само надоле и некако ќе стигнеме до морето. Ќе биде многу едноставно да стигнеме до центарот. Но се излажав. Јас само си ги следев патоказите, а тие покажуваа кон градот. Но одеднаш се појавиваме на обиколницата. Марко беше далеку од мене и не можев да го викнам да се вратиме. А дополнителна врева правеа и колите. Сум се смрзнал во секундата. Многу ми е страв кога возиме по вакви прометни патишта. А ова беше врвот. Некако го стигнав Марко и му реков само да стисне за побрзо да ја поминеме делницава. Многу сообраќај, коли, камиони, бука. Губиш концентрација. Никогаш не сум ги сакал големите градови. Секогаш сме се наоѓале во некоја ваква ситуација. Сите патокази се однесуваат на колите, нема таму патокази како со точак да стигнеш во гардот. И ги следиш патоказите. Подобро ќе го заобиколам градот и нема да го посетам, отколку да јадам ваков страв. И како врв на сè пред нас се појави тунел. Ова не е можно. А немаше ни исклучување. Ми дојде да ги фрлиме точаците преку оградата и да се снаоѓаме покрај автопатот. Подобро така отколку да ме собере некој камион или да ми пишат казна. Го поминавме тунелот и наидовме на луѓе што работеа на патот. Не нè предупредија дека е забрането, значи добри сме. На околу стотина метри наидовме на клучка и се симнавме од обиколницата. Преживеавме? Добри сме. Ајде сега полека накај центарот. Возевме по прометни улици, но и немавме некој избор, беше рано сабајле и сите одеа на работа. Градот рано се буди. Секој некаде оди. Сум бил два-три пати во Солун па можев да се ориентирам. Марко па уште повеќе го знаеше градот па оставив тој да не води.

По некое време пред нас се појави кулата. Е тука сме. Сега знам што, каде е. Одиме кај споменикот на Александар да се сликнам еднаш. Извадив знамето и ја направив сликата што одамна ја сакав. Му реков на Марко да слика убаво, зошто ќе имаме само една шанса. Немој некој да ме види со знамево, па ќотек да јадам. Бидна. Ме пукна малку адреналин. Ама се прибрав. Се повозевме по кејот. Направивме неколку фотки, ама цело време гледавме да најдеме некоја гироџилница. Веќе беше и време за доручек. А не бевме ни вечерани.

По некое време јас се откажав од барањето. Се беше затворено. А оние што беа отворени се уште не беа подготвени. Сепак месото треба да се нареди и да се испече. А не ни се чекаше. Марко прашуваше по луѓе. Море крши јазик на англиски да се разбере. Тие ни објаснуваат, ние ги наоѓаме рестораните, ама не работат. Ај ќе си јадеме сендвичи, како секое утро. Прашавме човек каде е излезот од градот, а тој многу едноставно ми објасни. Фативме една улица и само по нејзе. Правец Бер. За разлика од стравот што го доживеавме на влезот, на излезот беше порелаксирано. Имаше сообраќај на улицата, но имаше место и за нас. На многу места имаше патокази и бев сигурен дека сме на вистинското место. Застанавме пред еден Керфур да купам нешто за доручек и јадевме пред една бензиска. Многу си ги ценам оброците и дома и кога сум на пат. И сакам секогаш да бидат на посебно место. Ама некогаш кога ќе одбереме некое глупаво место. Како да не можевме да јадеме понатаму? Доручкувавме на бензиска со многу возила и издувни гасови, покрај нас течеше отворен канал со што ли не во него, и плус ни раце не се измивме тоа утро. Седнуваш, јадеш, возиш. Толку.

Чудно како сите имаа трпение и внимание за нас додека бевме на тој пат. Сите не почекуваа да поминеме па тие поминуваа. Дури и камионите. А ги имаше многу, посебно до Македонија. Само на една раскрсница за малку ќе направевме инцидент кога еден будала почна да свири како сме му сметале а ние си поминувавме на црвено. Бевме целосно во право. Почна да се дере, а мене некако ми дојде некоја нервоза во глава. Го оставив точакот на семафорот и тргнав да се објаснувам. Сакав да му покажам дека сме во право, и дека требаше да не почека само една секунда, да си помине на негово црвено. Секој може да има лоши денови.
Возевме само право. На неколку места го поминавме Вардар. Влеговме во село Кавкалиево и малку одморивме. Легнавме по едни тополи да се оладиме. Па го поминавме Илиџиево и свртевме на југ кон Бер. Сега на патот имаше многу малку сообраќај. Тука сите свртуваа кон автопатот и овој пат ни го оставаа нас. И тука патот движеше само право, а бујна вегетација се имаше надвиснато на краевите од коловозот. Мислам дека не ги одржуваат патиштава како што би требало откако ги зафати кризата. Лево десно само полиња. Нешто се обработува.

Следно село ни беше Плугар. Не исуши сонцето. Одвај чекав да застанеме да купам некој сок и вода и да се освежиме на селската чешма. Се сместивме под еден орев на сретсело и легнавме на изоматите. Па се трудев да ја истешам водата од чешмата за да се олади, ама како по правило во рамниците водата секогаш е топла. Па тргнав накај продавницата, а еден човек почна да ми мавта. Што ли сака, со помислив. Сигнав до куќата каде што стоеше тој, а него го снема, но тука беше неговата мајка. Во раката држеше пластично шише со вода. Тоа беше вода извадена од фрижидер. Да не е скриена камера ова? Вода од фрижидер на оваа температура. Потоа тргнав накај Марко и тој пак се појави од дворот и ме врати назд. На македонски ме праша од каде сме. Одма му одговорив дека сме од Скопје. Тој беше Македонец што студирал физичка култура во Македонија и се уште си го памтеше својот мајчин јазик. Позборувавме малку и ми даде кеса полна со производи. Внатре имаше праски и јаболки и по некое суво колаче. Ама прием, си помислив. Мерак му беше да на ни помогне. Ме гледал од страна дека барам студена вода, знае дека чешмата пушта само топла вода, и знаел што ни треба.

Лежевме под дрвото. Не ни се стануваше. Теренот беше досаден. Само рамно и право, по некое село, некоја кола и толку. Овие транзициски етапи знаат навистиан да видат досадни. Ама одевме кон планините и тоа не бодреше да го поминеме овој дел и да намлатиме километража. Веднаш после селото ја поминваме реката Колудеј, која што во антиката се викала Лудија и ги делела македонските областно Ематија и Беотија. Возевме право во правец кон Бер. На влезот во градот Гида/Александрија видовме илјадници мигранти во прифатен камп. Имаше многу војска и полиција и луѓе кои што слобдно влегуваа и излегуваа од кампот. Го имаа окупирано целиот град. Ги имаше насекаде. Нас па баш тука ни беше време за пладнување. Застанавме во центарот на градот, ги извадивме изоматите и си легнавме. Во близината имаше чешмиче па можевме да се освежиме. Во блискиот маркет купив нешто за ручек, салата и кока кола. Ништо без нејзе. После тоа заспавме. Ама сум спиел со едно око отворено. Не знам зошто, ама ме пукна некоја параноја во врска со мигрантиве. Што ги знаеш? Се може да се случи. Затоа и го скративме одморот и иако се уште беше жешко, ние тргнавме на пат. Тој ден мислам дека беше пожежок од другите. Или па спарното со ги правеше своето.

Во продолжение ги поминавме селата Решани, Триговишта и Ставрос и ја поминавме реката Мегленица. Таа река извира во облата Меглен во северниот дел на Егејска Македонија и граничи со Мариово преку планините. Од тука патот веќе почна да се искачува. Имаше блага угорница која што ја најавуваше угорницата што не очекуваше после Бер. Го поминавме и селото Микрогуш што се наоѓа токму пред градот. Тука бевме на теренска настава во 2001 година со колегите и неколку професори од факултет. Нешто паметам од околината. Ова село е големо и има многу сообраќај. По целата должина лево и десно има авто перални, авто сервиси, некакви продавници пред кои што луѓето седат и дофрлуваат. Се трудев да го поминеме побрзо. Веднаш потоа доаѓа индустриската зона пред градот. На периферијата на од градот свртевме лево. Не влеговме. Од страната од која што ние дојдовме Бер се гледа како ѕид пред вас. Целиот град е сместен на скалест терен и влева страв во некои што патуваат како нас. Не можев да се замислам да ги искачуваме тие угорници само за да го разгледувам градот. А и некако ми беше одбивен, од истата причина заради која што не ми се допадна ни првиот пат кога бев тука. Кога веќе утврдивме во кој правец да се движиме седнавме пред една работилница да одмориме пред да почне планината. Разговарав со некои локалци да ми кажат дали мораме да ја искачуваме планината одејќи накај Кожани. Одговорот беше дека единствена опција е новиот автопат. Таму не смеевме ни да помислиме да возиме. Тука конечно сменивме малку. На оваа тура имам испеино најмногу кока кола од кога и да е. Ама на оваа пауза пиевме швепс. Малку да смениме. Некако ми се пиеше нешто покисело. Да ме размрда.

Кога тргнавме возевме по периферијата на Бер. Имаше нешто како индустриска зона, но цело време десно од нас се гледаше градот. Убав град на интересно позиција. Има поглед на целото Солунско поле се до морето. На една кривина десно се појави стрмна угорница и така завлеговме во градот. Повозевме малку низ зградите и патот не однесе високо над градот и надвор. Веќе знаевме дека почнуваме да ја качуваме угорницата. Немав некој претстава колку километри е или коллку е стрмна, сам знаев дека е долга. Го гледавме зајдисонцето што паѓаше позади планината. Ние ја искачувавме Каракамен планина. Онаа од песната кај што му го украл гунчето на оној што се успал. Таа планина ги дели централна и западна Македонија. Тука во антиката започнувала горна Македонија. Онаа што била горе, високо во планините. Покрај патот видов знак „Вергина”. Таму е гробницата на Филип. Ми се доеше. Стоев покрај знакот и се мислев дали да викнам по Марко да се врати и да одиме таму. Имаше 9 километри. И девет назад 18. Скоро, дваесет километри. Ќе изгубевме многу време. Ќе не стемнеше и немаше да стигнеме во планината за спеиње. А во рамницата е пренаселено и нема да можеме да најдеме место за кампинг. Тргнав, па се враив кај знакот. Пак се помислив. И решив да не одам. Но си ветив дека сите овие места што сега ги пропуптам, ќе дојдам со кола и сите ќе ги посетам. Навистина, Егејска Македонија е како музеј на орворено. Навистина има многу што да се види.
Освен почетокот, каде што беше стрмно, после тоа малку зарамни. Па јас се полакомив дека можеме и целата да ја поминеме вечерва. Па ако и да не стемни. На неколку места се возеше по рамен пат па можевме да поминеме повеќе километри и побрзо. И конечно не стемни. Се наоѓавме во селото Георгијани и најдовме многу убаво место за спиење. Тоа беше некакво детско игралиште, зарамнет и утравен дел, подалеку од патот и канделабрите и од колите. Во близина имаше река каде што можевме да се избањаме. Ама една ладна вода. Сум се смрзнал. Пцуев кога завршив. Одвај садовите ги миев после вечера. Ми потекоа прстите од ладното.

Одлично се држевме. Многу ми беше мило дека немавме никакви несогласувања, расправии и инаетење. Се ни одеше као подмачкано. Постојано имавме силни и вкусни оброци, редовно се бањавме, спиевме на убави места, посетувавме убави градови и села, немавме проблеми со населението, вода имаше во секое селце и на секоја планина.

Сврти на наредна страница >> Ден 7