Ден 2. понеделник, 4 јули Кочани – Симитли, 111 км

Велоаџилак – ден 2

Цела вечер не заспавме. Не знам што ни беше. Го слушав Марко како се врти на креветот, значи не спие. Јас спиев на подот и можеби од тврдото не можев да заспијам. Ама сум спиел и на бетон и на бекатон плочки па сум немал мака. Не знам што ми беше вечерва. Марко тврдеше дека е од магнезиумот што го испивме пред спиење. Можеби.

Сврти на претходна страница >> Ден 1

Планот за денеска беше да поминеме граница, да влеземе во Пиринска Македонија и да стигнеме до Банско. Но веќе доцневме. Се договоривме да пробаме да стигнме до Банско, ако не успееме, ќе спиеме некаде во планината. Според рутата до Делчево требаше да стигнеме преку Македонска Каменица. Но Панче ми сугерираше да одам преку селото Бигла. Тој пат од секогаш го меркав ама никогаш го немав возено. Решив да одиме од таму. Панче не уверуваше дека ако одам преку Каменица ќе треба да возам низ Истибањска клисура, а таму е опасно заради одроните и цистерните што превезуваат нафта. Дефинитивно одиме преку Бигла.

Откако излеговме од Кочани, возевме на регионалниот пат и одма свртевме десно за Виница. Влеговме во градот и баравме бурекџилница да доручкуваме. Ми се јадеше бурек па тоа ти е. Седнавме во една во центарот, си каснавме убаво и отидовме до блискиот парк да одмориме. Да ни легне јадењето. Во паркот ни пријде еден од луѓето што го одржуваа. Не пара беше салам човеков, ама му дозволив да ни пријде па дури и да разговараме. А како врв на се, му дозволив да не убеди да одиме по трет пат. Не по оној што јас првично го планирав, не по тој што Панче ми го предложи, ами по трет.

Вака ми рече, нема да одите преку Јакимово, туку ќе одите преку Трсино. Јас ни Јакимово не знаев каде е, нити пак Трсино. Ги најдов на карта. Гледам, споредувам, од каде е позгодно. Ама преку Трсино ти е поубаво, ме убедува како да го возел со точак порано. Ќе те послушам, му реков, ме убеди. Тој пат е пострмен на почетокот ама поле зарамнува. Па истото и Панче ми го кажа за патот преку Јакимово. Која е разликата, си помислив. Ама сепак оставив тој да биде главен. Ги знаете оние луѓе што ќе ве начекаат дека не сте од нивното место и ќе ве убедуваат дека се знаат. Епа овој беше таков. Ако, си помислив, ќе правам како што ќе ми каже па макар и изгинале на жешконо.

Откако одморивме во паркот тргнавме. Прво возевме во правец кон Берово. На излезот од Виница се сретнавме со Драган па и тој ни раскажа малку за патот. На 7 км од излезот свртевме лево и прво село беше Драгобраште. Некако одма ожднев па си помислив дека во селото ќе најдеме вода или продавница да купиме сок. Ама една угорница што ни се појави. Врти, врти, не се довртува. Па и жешко веќе стана. Ја користевме секоја сенка да залегнеме и да се оладиме. На картата ми покажуваше дека поминуваме низ села, ама тоа се оние села од разбиен тип. На секое ритче по една куќа. Кој знае на кој рид е продавницата? Ние исцрпени од сонцето и угорницата. Останува само да вртиш и да се молиш да најдеш продавница во следното село. Коли поминуваат, луѓе се чудат што правиме наваму.

По некое време стигнавме во село Трсино. Селото се наоѓа на 8 км од регионалниот пат за Берово, на крајот на многу стрмна угорница. И таму има продавница. Си земавме по едно црно сокче, ладна вода, си се замивме убаво на чешма и си седнавме со локалците на муабет. Најголемиот дел од жителите веќе се по Италија. Доаѓаат само за денот. Порано имало две кафани, кафе бар, и жителите од околните села доаѓале таму на дружење. Ама сега веќе замрело тоа. Тоа е последно село во општина Виница. Веќе од тука па натаму влегуваме во атарот на општина Делчево. Тука се движевме по западните падини на прекрасната планина Голак.

Следно село ни беше Трстија. Тука не застанавме. Само го поминавме и продолживме кон Бигла. Веќе и теренот се зарамни. Немавме големи угорници, па можевме малку и да уживаме во погледот и околината. Таму се формира мала висорамнина и се гледаат неколку околни села. Тука веќе очекував да почнат и удолниците. Доста беше искачување. Според кажувањето на луѓето во Трсино, кај Бигла планината се крши и почнува голем спуст до Брегалница, доле на регионалниот за Делчево. Бигла порано била едон од најголемите села во околината. Според местоположбата ме потсети на село Јабланица. Селото е распослано на неколку ридови со по неколку куќи. Секој рид си е едно маало. Нема средсело. Патот од Бигла до регионалниот пат се движеше кривулесто низ густа шума. Тоа ни даде можност да се оладиме и да земеме здив.

Штом излеговме на регионалниот пат свртевме десно и тргнавме кон Делчево. Веќе стана навистина жешко. На овој потег нема ни села, и многу е тешко да се најде вода. Но затоа го има одморалиштето под село Драмче каде што извира најслатката вода. Тука прв пат бев во 2010 година кога возев по источната граница. Затоа и сега го очекував тоа местенце. Веднаш покрај патот. Овој дел од рутата се движи спротивно од реката Брегалница но нема големи угорници. После неколку кривини е градот Делчево. Решивме да влеземе зошто сакавме да накупиме храна за неколку дена. Не дека во Бугарија нема, но не знаев дали патот што го возиме влегува во градовите или оди по обиколници. И доколку нема потреба да не влегуваме и залудно да трошиме време и енергија. Башка одиме во планина, а таму се може да се случи.

Излеговме од Делчево и свртевме лево накај Ѕвегор и граничниот премин. Од тука почнува стрмна угорница долга точно 10 километри. Просекот е околу 7%. Почетокот, а посебно делот низ селото, е посебно стрмен. Трет пат ја качував оваа угорница и повторно на палдне, во најжешкото. За кратко време стигнавме во Ѕвегор. Веднаш ги оставивме точаците и влеговме во продавницата. Ги има неколку долж патот. Земавме студена вода, сок и сладолед. Останавме подолго време. Селаните почнаа да не убедуваат дека блиску после селото има убаво место под сенка за да седнеме и да пладнуваме. Како да сакаа да не избркаат. А само сакаа да ни помогнат. Ѕвегор е релативно големо село. Има и многу иселеници кои што изградиле големи куѓи во своето село. Онака од чалам. Претежно живеат во Италија.

И нависитина, на само еден километар од последната куќа во селото наидовме на црквиче покрај патот. Вистинско место за да го поминеме жешкото. Имаше вода, сенки, масички и клупи за ручек. Влеговме во дворот, извадивме изомати и легнавме да се истегнеме малку. Беше навистина жешко, а и одамна бевме тргнати на пат. Ова ни беше втората угорница за денеска. Па заспавме, па ручавме, средивме се и се спакувавме. Имавме уште за искачување од угорницата. Од тука до граничниот премин има 6.5 километри. Но како да не ги сетивме. Бевме јадени, одморени, а и угорницата станува малку поблага. За некое време стигнавме на граница. Вообичаена процедура со граничарите. Каде ќе одите, каде ќе спиете, малку повеќе ќе ме испрашуваат да им помине време. Ќе ја обединуваме Македонија, им велам. Ми се згазија од смеење. Не им кажувај така на Бугарине, ми одговорија. Зошто да не бе? А Марко си стои позади и си слика. Дојдовме и на другата граница. И тука истото. Каде ќе одите, дали имате резервации во хотелите? Абе во мисија одиме, им велам. Имаме задача. Поминавме и тука и веднаш тргнавме по удолницата. Спустот трае од граница па се до Благоевград. Поминува низ неколку села па тука може да се наполни вода или да се седне во некоја од кафанчињата покрај патот. Ние само летавме надоле. Сакав да покриеме што е нможно повеќе километри за тој ден. И селото со најсмешно име на тој дел од патот „Б’лгарчево”. Каде бе со тоа име во Пиринска Македонија? На страна тоа име кое што очегледно дека е наметнато и во минатото се викало Корџево, ми текна дека сите топоними што се среќаваат во Пиринска Македонија, а ги има и во другите делови на Македонија, не се среќаваат во другите делови на Бугарија.

Сенешто ти текнува кога си на точак. Само туку си мислиш нешто. Јас од кога одам во Пиринска Македонија да возам, некако цело време барам докази за постоењето на македонскиот народ таму. Тоа ми е првата причина за моето одење таму. Но овој пат открив дека нема што да барам такви докази. Всушност доказите никој не ги ни крие. Се е на дланка, само треба да отидеш таму и да видиш. Во Егејска Македонија па се е обратно. Прв пат во овој предел на возење бев во 2011 година на поклонение на гробот на Јане сандански во Рожен, неколку дена пред тргнувањето на првата МТдФЕ. И оттогаш најмалку два пати годишно поминував тука, но никогаш ја немав префрлено планината и возено накај Банско и Гоце Делчев.

Спустот завршува пред Благоевград. Арно ама, Бугариве направиле автопат до тука што доаѓа од северна страна и веднаш се стеснува и се префрлува на стариот регионален пат. Тука очекував да биде малку опасно. Се вози во клисура, со многу сообраќај. На почетокот на тој пат застанавме да се консолидираме со Марко и да си поделиме некој совет. Лапнавме по некој бар и тргнавме. Леле колку ми беше страв. Го пуштив Марко да вози пред мене и му реков да држи темпо до 26 км/ч. Ама на некои места тој ќе забрза и можев да ги видам камионите што возеа право во него и во последен момент ќе го заобиколат, но многу блиску, и ќе го дувнат на страна. Екстремно опасно. Доколку не би имал потреба никогаш не би го возел тој пат. Вртејќи стигнавме до еден пат што се исклучуваше од експресниот и водеше кон Симитли. Таму требаше да поминеме и да тргнеме кон Банско. Според планот таму и требаше да спиеме на оваа вечер. Но знаев дека немаме шанси.

По некое време влеговме во Симитли и само го одминавме. Веднаш свртевме лево кон Банско и Разлог и планинскиот премин Предела. Одморивме на излезот од градот пред продавницата што се вика „Македонија”. Нешто како поранешните гранапчиња кај нас. Се договоривме да возиме до излезот на градот и да почнеме да бараме место за спиење. Веќе и се стемнуваше. Патот надвор од градот се претвори во убав широк мазен пат што благо се искачуваше нагоре и полека ја најавуваше угорнцата што не очекуваше за утре. На само неколку километри до градот од левата страна почнува широка рамна пољана што завршува со река. Идеално место за логорување.
Се симнавме од патот и веднаш поставив шатор. Отидов до реката и ми изгледаше чиста. Всушност, и немаше некој град од горе за да би загадувал многу. Беше ладна, но сепак, тоа беше чиста планинска река. Сум се забањал како никогаш. Па вечеравме, па измив садови, се потопивме во аутан за да ги избркаме комарците и залегнавме. Марко во шатор, јас надвор. Абе како ставив аутан така ги снема комарците. Звук не слушнав. Колку сака нека е отровен, ама многу е ефикасен. Извинете комарчиња, ама ми треба сон. А навистина бев уморен. Многу искачивме тој ден.

Сврти на наредна страница >> Ден 2