ден 1. недела, 3 јули Скопје – Кочани, 120 км

Наслов

Велоаџилак - ден 1

Сакав да тргнеме што е можно порано заради жешкото време, да возме до Велешко езеро, таму да правиме голема пауза, и попладнето да продолжиме. Според планот тој ден требаше да стигнеме до езерото Калиманци и да спиеме на брегот. Тоа е огромна километража. Но бидејќи ни беше прв ден, мислев дека би можеле да го постигнеме тоа. Но планот многу ќе се измени.

 Сврти на претходна страница >> Вовед

Е сакав да тргнеме порано, во мугри, ама Марко беше на свадба претходната вечер па договоривме да се чекаме на плоштад во 9 часот сабајлето. Таман кога ќе фати жешкото ќе бидеме под сенка на Велешко езеро. Се сликавме под споменикот на Гоце Делчев на плоштад, земавме благослов од војводата и тргнавме. По пат се мислев дали да одиме преку Драчево за да го избегнеме сообраќајот и она досадното возење од Маџари до Катланово. Но сепак решив да одиме преку Маџари и полека да фаќаме ритам на правото. Да се загрееме и кондоционо и за сите тешкотии што ќе ги имаме по пат.

Нетрпението е голем проблем кога си на пат. Мора да си смирен и да му дадеш простор на проблемот, зошто самиот ќе помине за некое време. Твое е само да вртиш. Првата пауза и ја направивме во Катланово. Не го заборавив правилото да одморам на секој дваесетти километар или на еден час возење. Купивме по една лименка кока-кола и се сокривме под мостот на Пчиња. Фативме убаво сенче, си легнавме, се освеживме и одморивме. Не очекуваше угорница што не е долга, не е стрмна (освен во некои делови), но ако си незагреан може да те намачи. Плус што веќе стануваше жешко, а таму нема сенки. Се качивме горе на патот и се свртев да видам дали сме заборавиле нешто. Големиот бидон со вода ми беше оставен на местото каде што стоеја точаците. Немој само него да го изгубам. Ми треба за налевање. И полека си тргнавме нагоре.

Набрзо ја искачивме угорницата. Тоа беше добар тест да видам до каде сум јас и до каде е Марко со кондиција. Периодот пред турава немав многу возено и не бев во некоја форма, но знаев дека на пат ќе мора да ми се подобри формата. Нема бегање од тоа. Затоа, не смееме да форсираме, мора да се контролираме. Колку поминеме, толку. За среќа на нас велосипедистите, но и за оние сироти луѓе кои ја избегнуваат патараината, патот од Ајдучка чешма до преминот Кула е тампониран со некоја мешавина од битумен и гребен асфалт од реновирањето на автопатот.

Порано беше страшно да се вози по тој пат. Ми се случувало да возам за Демир Капија преку Свети Николе, само да не морам да го возам тој кршот. Не ми е проблем да возам уште пеесет километри повеќе, само да не ги возам камењата. Ама сега е милина за возење. И така го поминавме и тој дел, си се спуштивме до Велешко езеро и си легнавме на една од плажите. А таму, гужва. Народов го научи дека е убаво езерото и почна да се враќа како порано. Тие двата хотела покрај езеро се секој викенд полни, плус плажите. Па се погоди и недела, летен распуст за децава, па едно жешко што беше тој период. Ама сепак се сместивме на една од плажите. На оваа имаше само двајца рибари дојдени да утепаат малку време. Се гледаше дека не се нешто многу амбициозни да уловат нешто. Туку само си седеа и си ппиеја пивце и си мезеа. Јас ги растоварив точаците, извадив изомати и си легнавме.

По некое време ручавме од конзервите што ги носевме за по пат. Баеги храна носевме. Не сакав да снемаме храна некаде по планинне и да останеме гладни. Башка што е лето, и се работи со скратени или двократни смени, па дали ќе работат продавниците, дали нема да работат. Околу 16 часот тргнавме. Така и планирав. Доста ни беа три часа под сенка. Но сеуште беше жешко. Возевме малку покрај езеро во правец накај Велес, но свртевме лево кон Отовица и седнавме во првата продавница за кока кола и сладолед. Одма не удри жешкото. Се оладивме, наполнивме вода на чешмата на сретсело и продолживме. Отовица е повеќе викенд населба. Можеби имало и некое мало село во минатото, но сега е многу изградено и полно со викендаши. Тесен асфалтен пат води кон селото Сојаклари, па свретвме десно кон Кумарино и излеговме на експресниот пат Велес – Штип. Во меѓувреме ни се јави Панче од Кочани, разбрал дека ќе поминуваме низ неговите град и не покани таа вечер да преспиеме кај него. Инсистираше. Кога дојдовме кај него му реков дека ми должи спиење на отворено некаде на Осоговски планини, бидејќи не можев да го одбијам. Ништо од првичниот план да спиеме на езеро Калиманци. Од тука натаму само требаше да возиме.

Експресниот пат се покажа брз и за нас. Грабевме напред и броевме километри. Само две или три места патот е уште недоправен, а по целата должина е проширен, со нов убав мазен асфалт. Мерак за туринг. Полека мислам дека Македонија станува мека за туринг. Насекаде се прават овие патишта каде што е дозволено возење точаци. Порано овој пат беше тесен, со попречни пукантини на асфалтот и многу тресеше, а имаше постојана опасност да те собере кола или камион. Првото село што го поминавме беше Лозово. Дали дека беше недела, ама ништо во селото не работеше. Дури и чешмата беше секната. А ни требаше вода. Сеуште беше жешко. Сонцето ни беше во грб и не исцрпуваше. Седнавме малку да одмориме во дворот на училиштето. Ама немаше ништо за освежување. На овој дел нема големи угорници и решивме да продолжиме до следното село и таму да одмориме и да се оладиме малку. Така врткајќи стигнавме до Сарамзалино. Село со најјако име во цела Македонија. Сарамзалино. Од кај си? Од Сарамзалино. Јако. Марио сигурно му го знае значењето.

Тука си наполнивме ладна водичка од чешмата покрај патот и седнавме во сенката да се оладиме. Ни пријде и едно детенце кое што ни донесе неколку праски за освежување. Ни сврте и малку муабет. По некое време станавме. Моравме да одиме зошто Кочани беше уште далеку. За некое време го поминавме она исклучувањето за Свети Николе и набрзо доаѓаше клучката за Куманово и автопатот во изградба. Ми беше страв дека од таму ќе има многу сообраќај. Кога го возам тој дел обично одев по десниот спореден пат. Таму беше покрш асфалтот ама барем немаше сообраќај. Сега се беше измешано. Се возеше и по стариот и по новиот и по автопатот. И повторно дојде време за пауза. Го прашав Марко дали сака да одмараме на бензиската покрај пат или да го поминеме Штип и да застанеме во Чардаклија. Тој го одбра второто. Многу ми се допаѓа кај Марко дека секгаш ја одбира опцијата да се вози повеќе. Ако се прашував јас, ќе застаневме на бензиската и тука ќе одмаравме. Очајно ни требаше ладна вода и кока кола. Си застанавме пред продавницата, си извадивме од фрижидерот и си седнавме. Веднаш и стопанот ни се придружи. Убави работи ми кажа. Нешто за патот, за животот, за новиот експресен пат што ќе оди од Кочани за Три чешми. Абе ако сакаш има работа, вели. Ама не им се работи за малку пари. Ама важно работа има, ми кажува. Абе никој не сака да работи за 200 евра, му велам. А тоа кока колата со секоја голтка послатка ми станува. Ќе кажам уште сто пати дека колку и да е штетна (демек), нема подобро гориво за на пат. Нема нешто поосвежувачко за на пат.

Потоа го поминавме слото Долни Балван, па Крупиште и возевме напред кон Облешево. Во овој дел патот се движи спротивно од реката Брегалница, во отворени оризови полиња и без големи угорници. Ова е дел од патот каде што само се граби напред и се поминуваат километрите. Веќе сигурно знаев дека ќе не стемни на пат и дека во темница ќе стигнеме во Кочани. Ни остануваше само да возиме. Повремено се свртував назад да видам дали Марко ме следи. Возевме убаво темпо од 23 км/ч. По некое време стигнавме во Облешево и сакав да застанаме за да одморам. Ми се смачи веќе. Не бев во форма и овој ден требаше да ми биде загревање. Насекаде беше водено. Облакот што го гледавме пред нас поминал и се истурил тука. За среќа не се сврти кон нас. Коловозот беше полн со вода и тоа не успори. Дополнително, возилата што поминуваа покрај нас не прскаа па требаше да се криеме.

На тргнување од Облешево приметив дека предната гума ми е издишана. Некаде по пат се дупнала. Пак му се јавив на Панче да му кажам дека ќе задоцниме заради ветерот, дождот и гумава. Набрзина ја сменивме и тргнавме. Многу е интересна појавата со големите градови што се сместени во рамница. Цело време го гледаш пред тебе, и само вртиш, а никако да стигнеш до него. Тоа многу често ми се случувало кога сум приоѓал кон Прилеп. Така беше и овој пат. Само вртиме а пак сме далеку од градот. И не стемни и ние пак си вртиме, а уште немаме абер да стигнеме до Кочани. Туку, по некое време знаков вика „Кочани". Се исклучивме десно, под подвозникот, покрај стадионот и влеговме во центарот. Од тука право нагоре покрај река и стигнавме кај Панче. Вечеравме, гледавме фудбал и право на спиење.

Сврти на наредна страница >> Ден 2

16 Мај 2017

За авторот