Наслов

Утре на тест, женскиот „Тур де Франс“

Иако со далеку помали размери од Тур де Франс каде што не е дозволено да учествуваат жени, утре на сцена ќе го видиме женскиот мини-еквивалент на најпознатата велосипедска трка кој ќе се одржи неколку часа пред стартот на финалето и тоа на иста локација, на Елисејските полиња во Париз.

Ла Корс (La Course) ќе биде кратка еднодневна велосипедска трка за професионални женски велосипедисти која ќе се случи неколку часа пред стартот на утрешното финале на Тур де Франс. Иако ова не е прв пат на понежниот пол да му биде дозволено да се натпреварува барем на сегмент од машкиот Тур, тоа за прв пат ќе се случи на истата стаза како и утрешното финале т.е. ќе се здобие со поголема медиумска покриеност.

Жените кои во последно време сè повеќе се борат за нивните права на физички најтешкиот спортски настан на планетава и успеаа барем во дел да го реактивираат женското Тур движење се неколкуте професионални велосипедисти Ема Поли и Мариен Вос заедно со новинарката и велосипедскиот ентузијаст Кетрин Бертин кои успеаа да соберат 100,000 потписи на својата петиција и да го привлечат вниманието на ASO, компанијата-мајка на Тур де Франс.

Мериен Вос од Холандија, еден од активистите за женскиот „Тур“

Со ова тие добија можност за реактивирање на женска трка која ќе се одржува паралелно со Тур де Франс, но со далеку помали размери. Стазата која е кружна и се наоѓа во центарот на Парис ќе трае едвај неколку часа, а закажани се 13 круга за да се коплетираат 90-те километри до финишот, минијатура во споредба со екстремните три недели низ кои минува машкиот Тур караван.

Ова не е прв пат понежниот пол да добие можност да се натпреварува на Тур де Франс. Во периодот од 1984 до 1989 година се одржуваше тогашниот  „Тур де Франс Феминин“ (Tour de France Feminin) но беше со скоро никаква медиумска и спонзорска покриеност. Во продолжение, од 1992 до 1998 настанот имаше проблеми со името па мораше да се преименува во „Гранде Букле“, а од 2005 до 2009 трката константно се намалуваше во својот квалитет и рејтинг. 

Сепак, организаторите на овогодинашната Le Course се високо расположени и ентузијастички настроени кон овој нов и свеж почеток на ова феминистичко движење во „ексклузивно“ машката трка и се надеваат на проширување и растење во иднина како и премин на овој настан во традиција.

26 Јули 2014

За авторот