Успешни квалификации за нашиот тим на Ред Фокс Елбрус

Денеска 05.05.2017 во утринските часови со старт во Азау и финиш на станицата Мир на Елбрус, Кавказ се одржаа квалификациите за главната трка на Елбрус Ред Фокс – трката која се одвива до највисокиот врв на Европа – Елбрус 5642 мнв.

Квалификациониот формат беше Вертикален километар со 1000 метри висинска разлика сместени во 3,7 должински километри, старт во Азау а финиш на станицата Мир на планината Елбрус. Трката стартуваше на висина од 2450, a финишот беше на 3450 м, а сите учесници пријавени за главната трка мораат да ги исполнат квалификациите. 

Од нашиот тим кој воедно е и првиот од Македонија, Марјан Бонев (Трекс/ПСД Макпетрол) заврши на 19 место со време од 54:32 (+11:32 минути зад првиот), Александар Кирковски (ПК Македон) заврши на 40 место 58:11 (+14:57), а Дејан Тодевски (ПК Македон) на 63 место 1:02:09 (+18:55). На трката учествуваа 220 натпреварувачи, а сите резултати може да ги погледнете тука

Кирил Филиповски кој беше четвртиот член, мораше да ја откаже трката поради блага смрзнатина на носот по аклиматизацијата која ја направија на 01.05.2017. Кирил е моментално вратен во Македонија и ситуацијата со смрзнатината е под контрола. 

Во недела во 06:30 часот по локално време стартува и главната трка која оди од 2350 мнв и завршува на самиот западен врв на Елбрус – 5642 мнв. 12-те километри исполнети со 3300 метри висина се секогаш придружени со ниски температури и незгодни услови што ја прават оваа трка една од најтешките во светот.

На нашиот тим му посакуваме добри услови и успешно финиширање на трката во недела. 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија