Учествувајте во анализа за подобар скопски „Вело Центар”

Во период од 15 до 25 јуни сите оние граѓани кои со своите велосипеди се движат во централното градско подрачје на Скопје преку документирање на нивните изминати траси со помош на мобилната апликација Страва индиректно ќе учествуваат во проект за анализирање и изградба на подобри велосипедски рути во ова подрачје во проектот Вело Центар 2025. Вие само треба да си бркате работа на точак, а притоа да пуштите Страва да ве снима… 

Како што во нивниот допис е детално објаснето, Општина Центар има за цел да постане првата општина која ќе дизајнира велосипедска инфраструктура базирана врз научна студија изведена со помош на граѓаните кои редовно ги користат овие улици за транспорт и професори од Архитектонскиот факултет при УКИМ. 

Идејата е да се искористат податоците од анкетата направена на 895 испитаници во првиот дел од проектот заедно со снимените активности на граѓаните во период од 15 до 25 јуни во вториот дел. Всушност, од овие активности на крај ќе се изработат т.н. heat мапи (Досега ние од страна на Мартин Димитриевски имавме една слична ваква мапа за тоа „Каде спортува Скопје”) кои ќе се анализираат од страна на експерти и професори за различните параметри добиени од записите.

Практично, граѓаните би допринеле за да се добие јасна слика каде се омилените рути на велосипедистите, каде има застои, со кои брзини се движи протокот на вело-сообраќај и ред други параметри врз кои би се извлекол заклучок за поефикасно средување и подобрување на велосипедскиот проблем со централното градско подрачје на Скопје кои реално постои. 

Сето ова ќе можете да го направите преку едноставно снимање на вашите активности со помош на мобилната апликација Страва на која треба да го адднете профилот на VeloCentar. – детални информации ќе можете да најдете ТУКА

Резултатите од првата веб-анкета покажале дека 97% од корисниците на велопсипед минуваат низ општина Центар, па затоа може да се каже дека овој дел од градот е исклучително важно да добие соодветна инфраструктура од овој тип.

Како стимулација за добивање на побројни записи, општината ќе додели три награди во вредност од 12 илјади денари на тројцата најдоследни и најредовни доставувачи на податоци за нивните вело-активности во овој реон  

Критериумите се: континуитет на возење – број на денови со остварена активност; вкупен број на пројдени километри; вкупен број на возења и приклучувања на Strava за патувања над 5 минути. Ќе се вреднуваат само оние патувања кои се направени со цел превоз и барем во дел ќе минуваат низ општина Центар.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија