Истрчана малата шарпланинска трансверзала

Тричлена екипа на здружението на планински тркачи TREX овој викенд успешно ја истрча малата Шарпланинска трансверзала која се протега по целиот гребен на Шара од Старо Село до Попова Шапка.

Тричлената екипа на TREX, составена од Јовица Јованчев, Жикица Ивановски и Александар Симјаноски, на 17.07.2015 во 4:30 часот тргна во обид да го помине целиот масив на Шар планина во еден ден. Со старт од старо Село преку Љуботен, Пирибег, Езерски Врв, Црн Врв, поминување под Кобилица, Вртоп, Караниколичко езеро, Долна Лешница, Горна Лешница преку Титов врв до Попова Шапка, без никаква логистика, без контакт со цивилизација од почетокот до крајот.

  • „По 18тина часа успешно ја завршивме Шарпланинската трансверзала од 73км и приближно 5000д+. Иако за истото време може без проблем да се заврши било која трка на 110-120км сепак овие 73км на Шарпланина се приказна сама за себе и дефинитивно една од најлудите работи што сум ги направил.” – напиша Јовица Јованчев.

И покрај малите проблеми во текот на обидот сепак желбата за успешно завршување беше преголема и целата авантура успешно ја завршија сите тројца пристигнувајќи на Попова Шапка во 23ч и 15мин на 17.07.2015

„Непристапниот терен, долгите и стрмни успони и спустови, терен исполнет со крупни камења каде е невозможно да се трча или брзо да се пешачи, целосно изолирани од цивилизација, со храна која сами си ја носевме и која за мене на крај се покажа како недоволна и несоодветна ја прави Шарпланина единствена.”  – дополнува Јовица

Автор

TREX

Скопје

Македонија