Кружно околу Охридското Езеро

Бидејќи наближува времето за традиционалното возење околу Охридското езеро “TOUR THE LAKE, RESPECT THE LAKE” еве и еден краток текст за моето прво возење околу Oхридското езеро 24.06.2012.

За прв пат ја возам оваа патека и еве неколку мои согледувања. Стартот беше предвиден за 12:оо часот, што мислам дека во овој период од годината со просечна температура над 34 степени е перверзно.

Мој предлог е стартот следната година да биде померен барем за 10 часот (во овој случај мислам дека никој од рекреативците не го ни чекаше официјалниот старт). Патот од Струга до преминот Ќафасан е со константен успон и бара добра физичка подготвеност (oколу 14 км должина и успон од околу 360 метри).

Од граничниот премин до Езерото има прекрасна удолнина и што е битно патот е супер се до езерото (можете да постигнете брзина над 55 км на час). Кога веќе ќе се израминте со нивото на езерото, преминувате на стариот пат кој е во многу лоша состојба и е прилично прометен. Тој пат е таков се до Поградец. Поградец има убав среден дел покрај езерото каде што можете да седнете и да испиете по некоја пијачка (Ние тука направивме пауза од некои 40 минути со ладно пиво). Патот натаму до граница е од иста категорија како и до Поградец.

Од наша страна е веќе друга приказна (модерни широки патишта со повеќе ленти и… ). Прв поозбилен дел е веќе искачувањето кон Љубаниште и раскрсницата со патот за Галичица (Успон од некојси 185 мнв). Доколку ви се погоди времето мој предлог е капење во Трпејца, а ако ви врне тогаш задолжително застанување на влезот во Трпејца и Пиво во Кооперацијата (и овде отепавме добри 30-40 минути).

Од Трпејца е веќе се полесно нема повеќе успони освен помали на 2-3 места, и тој дел можете да го извозите со добро темпо за релативно кратко време – 35 км за околу еден ипол час (21 км на час просечна брзина). Податоците се симнати од ГПС уред (ќе приметите дека ми недостигаат околу 6 км од стартот – едноставно тогаш го вклучив ГПС-от). Некој просек од ова 4 часа и 08 минути активно возење и 2 часа и 6 минути стоење.

Спортипал детали