Најдобра фудбалерка во Македонија за сезона 2015/16

Интервју со фудбалерката Теодора Димоска

Теодора Димоска беше избрана за најдобра фудбалерка во Македонија за сезоната 2015-2016. Нејзините успешни настапи за ЖФК „Драгон 2014” и за репрезентативниот дрес не останаа незабележани. Евидентниот талент на Теодора ветува голема и сјајна кариера за младата фудбалерка. 

Кажи ни нешто повеќе за твојот прв контакт со фудбалот, каде започна со тренажниот процес и каде настапуваш во моментов?

Уште како мала заедно со мојот помал брат присуствувавме на тренинзиите на нашиот татко кој исто така беше фудбалер. Додека тренингот беше во тек и сите тренираа ние игравме со топка од страна, и како поминуваше времето од ден на ден се повеќе го засакував фудбалот и теренот ми беше природна средина. 

Моите први тренинзи ги имав со мојот татко заедно со фудбалерите кои тој ги тренираше. Тренинзите беа на градскиот стадион во Македонски Брод. А после две години продолжив да тренирам со тогаш формираната екипа ЖФК Порече каде што мој прв тренер беше Јовица Блажески. А што се однесува до мојот моментален ангажман, тој е со екипата на ЖФК Драгон 2014 од Скопје.

Кога тренерите го забележаа твојот талент и на која позиција најдобро се снаоѓаш во играта?

Мојот талент почнаа да го забележуваат на училишните натпреварувања каде што се натпреварувавме во фудбал и футсал, каде неколкупати бев прогласувана за најдобар играч. Позицијата на која што најдобро се снаоѓам е десен напаѓач. 

Кажи ни нешто за искуствата со репрезентативниот дрес

Првите искуства во репрезентативниот дрес ги имав во 2015 година каде што за прв пат бев повикана на собир во репрезентацијата до 17 години. А по неколку мои настапи како резултат на добрата игра бев повикана и во репрезентацијата до 19 години. Всушност да ја претставуваш својата земја на различни турнири и квалификации е голема одговорност за секој од нас па затоа сите ние го покажуваме она што најдобро го знаеме.

Збор два за женскиот фудбал во Македонија и твоите перспективи и амбиции за во иднина

Женскиот фудбал во Македонија мислам дека сè уште е на почеток, треба да се развива уште многу за да се стигне до одредено високо ниво. Но во последните неколку години се повеќе се работи со талентираните фудбалерки. Фудбалот тука послабо се развива и како резултат на слабата конкуренција во првата лига, што во другите земји е доста поизразена.

Што се однесува за мене би сакала да станам успешен професионален спортист. Се надевам дека досегашниот труд и трудот што ќе го вложам во иднина ќе ме однесат во некоја од европските екипи, каде што ќе станам многу поуспешна фудбалерка.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија