Наслов

Тасевски и Ристоска не учествуваат на Кросфит Игрите во САД заради неиздадена виза

Иако нашите најдобри претставници во Кросфит имаа беа поканети и требаше да настапат на овогодинешните Кросфит Игри во САД, сепак проблемите со добивањето на визата ги оневозможи тие да го остварат својот сон. 

Дарко Тасевски

Дарко Тасевски и Вики Ристоска беа првопласираните натпреварувачи во машка и женска конкуренција на национално ниво оваа година и со тоа добија автоматски добија место за учество на еден од најголемите кросфит настани во светот - Кросфит Игрите кои оваа година од 1 до 4 август ќе се одржат во Винсконсин, САД. 

Причината поради која двојката е оневозможена за учество е чисто бирократска, поради неиздавање на виза за патувањето и покрај тоа што Дарко и Вики имаат официјална покана за учество на натпреварувањето. 

„Да се одржи натпреварувачка форма не е воопшто лесно и бара секојдневна жртва со години. Подготовките за натпреварувањето ме чинеа неколкумесечни неплатени отсуства од работа, котизација за учество во натпреварувањето и квалификациите, трошоци за апликацијата за виза итн... Сите трошоци се незначителни во однос на разочарувањето и затоа сметам дека организаторот сериозно треба да размисли да ја подобри комуникацијата со администрацијата со цел сите учесници да присуствуваат на натпреварувањето или пак да ја промени локацијата на одржување.” - изјави Тасевски. 

Вики Ристоска

„Разочарувањето е големо, секојдневно се бориш и жртвуваш за да си ја оствариш својата цел, денот ти започнува во 5 наутро, одиш да вежбаш, одиш на работа, потоа држиш часови по кросфит и на крај денот го завршуваш со уште една исцрпна сесија вежбање и се тоа го правиш затоа што имаш цел и мотив и сакаш да си го оствариш сонот.” - изјави Ристоска

Дарко објаснува дека негативниот одговор за визата е навистина неоправдан бидејќи тој има работен однос во Македонија, а идниот месец планира свадба. 

И покрај разочарувањето, екипата останува мотивирана и понатаму, и да се надеваме дека во иднина ќе ги видиме на следните Кросфит Игри. 

24 Јули 2019

За авторот