Светот на атлетиката се прости од Габриеле Груневалд

Атлетичарката која беше синоним за желба и упорност почина на 32 годишна возраст. 

Габриеле Груневалд беше американска атлетичарка која меѓу своите колеги беше пример за упорност, храброст и мотивираност. Таа повеќе од 10 години се бореше со рак, најпрво на плунковите жлезди, потоа на тироидната жлезда и на крај со рак на црниот дроб во 2016.

Токму по операцијата на црниот дроб (бил отстранет половина), очекувањата биле дека таа конечно ќе се опорави од здравствените проблеми и ќе може конечно да се посвети на атлетиката. Сепак само две години подоцна ракот се вратил и таа одново морала на терапија.

За каков борец и спортист се работи, доволно зборува фактот дека во 2012 година за време на вториот третман со радиотерапија таа настапува на американскиот шампионат на трката на 1500м и завршува на неверојатното четврто место со што за малку не успева да обезбеди пласман на ОИ во Лондон. Сепак неверојатната желба и храброст ја направија американски шампион на 3000м во 2014 година. Вреди да се спомене и дека нејзиното најуспешно време на 1500м е вкупно 12 најдобро истрчано време во историјата на САД.

Каде и како ќе се одвиваше кариерата на Габриеле ако не постоеше болеста е прашање на кое никогаш нема да го имаме вистинскиот одговор, но останува фактот дека нејзината прерана смрт е голема загуба за спортот и атлетиката.

По нејзината смрт големи атлетски имиња како Пола Редклиф, Дина Кастор, Кара Гучер итн. со почит говорат за неа и за нејзиниот инспиративен однос кон животот и спортот.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија