Одличен настап на Кирковски и Стојкоски на Олимпус Маратон 2018

Овој викенд на 15-тото издание на тешката трка „Олимпус Маратон” во Грција, настап зедоа неколкумина наши планински тркачи кои остварија одлични резултати. 

Маратонот на Олимп е еден од најпознатите планински настани во рамки во Европа и пошироко. Се работи за трка долга 44 километри во која се искaчуваат и спуштаат 3600 метри, а највисоката точка која се достигнува за време на трката е 2780 метри надморска височина.

Истата стартува од гратчето Дион кој е близу морето, се оди до високите делови на планината и минува низ патеката „Зонариа” под врвовите Митикас, Стефани и Скала. Спуштањето минува низа Приониа и финишот е во Литохоро. Натпреварувачите имаат временски лимит од 10 часа за завршување на трката.

Оваа година, меѓу 500-те натпреварувачи од целиот свет, учество земаа и нашите тркачи Мери Мирческа, Александар Стојкоски, Александар Кирковски и Бојан Мицковски. 

Кирковски успеа да ја финишира трката најбрзо од нашите натпреварувачи со време од 5 часа и 44 минути што го постави на 32 место во генерален пласман (28 во машка конкуренција), а Стојкоски се пласираше на 47-тото место со време од 5 часа 55 минути. Мирческа пак финишираше за време од 7 часа 29 минути, а Бојан Мицковски заврши за 7 часа и 55 минути.  

Прв беше Димитрис Тедоракакос со време од 4 часа 37 минути во машка конкуренција, а од жените прва беше Ел Кот Хеландер Лина со 5 часа 21 минута. 

Имајќи предвид дека се работи за трка на која настапуваат натпреварувачи од елитен и светски ранк, пласманот и времето на нашите тркачи е успех. 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија