Старата Kопа сè уште копа

Таа што издржа толку долго, гордо и машки, служејќи на генерации фудбалери од сите континенти, таа мора да е црно белата класика,  Копа Мундијал!

И покрај новите модели направени од ултра лесни материјали со висока издржливост и удобност, старата COPA MUNDIAL му пркоси на времето и сеуште можете да ја видите по терените.

Носена од Бекембауер, Зизу, Марадона, Кака, Копата „освои“ сè што можеше да се освои, од светски првенства до клубски лиги и турнири до третолигашки „анонимни“ натпреварувања во Африка.

Копа Мундијал си копа по тревнатите терени од 1979 година кога Адидас ја промовира пред почетокот на кфалификационите турнири за светското првенство во Шпанија 1982 година, и до ден денес можете да ја најдете во продавниците за спортска опрема во автентичниот дизајн без никаква модификација или надградба.

Нејзиниот едноставен дизајн со дванаесет крампони, долг јазик и кенгурова кожа ја прават Kопата доверлив алат на секој фудбалер, но освен во фудбалот Копата си најде место во рагбито и други спортови на трева.

Таа е најпродавана копачка на сите времиња и сè уште се произведува рачно во фабриката на Адидас во близина на Франкфурт која за 25-годишнина на црно белата класика промовира посебна едиција.

 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија