СЕРИЈА НА ИНТЕРВЈУА ОД НЕВЛАДИНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА ТАКТ НА ТЕМА ЖЕНИТЕ ВО СПОРТОТ

Спортот ме научи никогаш да не се откажувам и да бидам трпелива

Средношколката Тијана Митрева од Кавадарци со својата квалитетна игра на кошаркарскиот терен заслужи место да игра и да се натпреварува за тимот Алгеро во Италија веќе втора година по ред. Реалноста за македонските кошаркарки во наши услови се далеку од розови, но секоја чест за младите девојки кои и покрај тоа се борат и успеваат да го добијат она за што напорно работат, бидејќи само со труд се остваруваат желбите.

• Каков беше вашиот почеток во светот на кошарката? Кој ви ја всади љубовта за овој спорт? Од кого ја имавте најголемата поддршка кога почнавте интезивно да тренирате?

Не сум како сите девојчиња, уште од мала сум со топката во рака. Најпрво пробав гимнастика, потоа фудбал и на крај се одлучив за кошарка. Најголема поддршка имав и уште ја имам од родителите, а исто и од моите тренери Лидија, Елеонора и Снежана кои ми помогнаа да ја всадам љубовта кон кошарката во мојот живот.

• Со кои тренери досега имавте најголема соработка и дали претпочитате жени тренери? Доколу да, кои нивни особини најмногу ви значат?

Се разбира дека да. Во Кавадарци секогаш соработував со женски тренери, а исто така и овде. Претходната година го запознав Јордан Цветановски кој исто така ми помогна да напреднам многу.

• Кавадарци е мал град. Какви се условите за тренинзи за младите девојки-кошаркарки? Дали имавте исти услови како машките кошаркарски тимови? Дали ја имавте истата поддршка од заедницата, општината?

Условите за тренинзи за секој спорт во нашата земја во денешно време се многу тешки. Посебно кога станува збор за женската кошарка, секогаш сме во втор план. Секогаш повеќе се вложува во машките спортови, а за женските немаат слух. Нема доволно финансии да се обезбедат основни услови за тренинг. Никогаш не сме ги имале истите услови како машките тимови. Од општината нема речиси никаква подршка, доделувањето на помошта од општината не се гледа според постигнатиот успех на екипата. Додека тренирав во М.Н.А Кожувчанка обезбедуваше услови за да можеме да се натпреваруваме и да постоиме како клуб. А тоа е првиот човек на Кожувчанка, г-динот Митко Јанчев кој и оваа година е единствен спонзор на клубот М.Н.А.

• Дали во Македонија имаме спортистки на кои можете да се угледате и кои ви се инспирација и поттик да продолжите да спортувате? Дали имате блиска соработка со некоја од македонските спортистки?

Во Македонија се огледував на една од најдобрите кошаркарки Едина Муса, а најголемата мотивација ја добивав од моите тренери кои беа врвни спортиски.

• На што најмногу ве научи спортот? На кои вредности?

Спортот ме научи никогаш да не се откажувам, да бидам трпелива и да го вложувам најдоброто бидеќи само со труд се остваруваат желбите.

• Дали преку спортот ви се остваруваат вашите соништа? Кој ви е најголемиот животен сон?

Да, моите соништа постепено се остваруват од мината година играм во Италија, а мојот најголем животен сон е да заиграм во најсилната женска кошаркарска лига WNBA.

• Дали Македонија доволно вложува во женскиот спорт?

Откако се Стојна Вангеловска и Моника Гавриловска во женската кошарка се вложува многу, а исто така и федерацијата создава услови за женските репрезентации. Многу сум благодарна на тоа, но секогаш може повеќе.

• Што ќе им препорачате на младите девојки кои се на почеток на спортската кариера?

Дали спортот отвора нови перспективи во животот?
На сите кои што се занимаваат со кошарка им препорачувам напорно да тренираат, бидеќи само со тренинзи можете да ги отворите портите за успехот.

Подготви: Андријана Ананиева

Автор

TAKT NGO

Скопје

Македонија