Спорт и авантура во Малешевската корија – прв фестивал на отворено во Берово

Овој викенд на 2 и 3 јуни во исклучително живописниот и питом регион на Малешевските планини, во организација на Спортско Планински Клуб Малешевска Корија за прв пат ќе се одржи фестивалот „МАЛЕШЕВСКА КОРИЈА – СПОРТ АВАНТУРА 2018″. Настанот е наменет за сите љубители на природата, спортисти, рекреативци, фамилијарни посетители, како и за оние љубопитни кои сакаат подобро да го запознаат гратчето Берово.

Во дводневната агенда на фестивалот на отворено учесниците ќе имаат можност за неколку активности. Две одлични планинско-велосипедски патеки, планинарска тура, организирана прошетка низ културно-историските знаменитости на гратчето Берово со водич, забавен дел со рок бенд, но и исто така можности за игра и за најмалите посетители. 

Обезбеден ќе биде и камп – просторот за шатори со тревнати површини и сенки од високи дрвја се наоѓа во дворот на „старата гимназија”, на самиот влез на градот, а по сопствена желба и организација посетителите ќе може да се сместат и во куќите за приватно сместување или градските хотели.

Во кругот на објектот на располагање ни се и игралиштата за фудбал и кошарка, забавен парк за деца, простор со два логорски огна за само-подготовка на скара, две надворешни чешми, внатрешни чешми и тоалети и внатрешни просотрии за подршка за одлагање на велоспиедите и преноќување со сопствена вреќа во случај на дожд. Исто така до игралиштата ќе биде сместена и бината за музичкиот дел.

Во однос на велосипедските патеки, првата МТБ тура е во должина од околу 55 км и совладување на висинска разлика од 1429 м, така што оваа тура спаѓа во категорија „тешка тура” која што е препорачлива за вистински спремните велосипедисти, а втората е со должина околу 45 км и совладување од 1077м висинска разлика и оваа тура спаѓа во „средно тешки” патеки. Нивните старт и цел се во градот Берово.
Стартот на двете патеки е на 800мнв односно се тргнува од базниот камп, движејќи се по улицата Маршал Тито поминуваме покрај Хотел Манастир, од каде што почнува „офф-роуд” патеката.

Преминуваме преку реката Брегалница и возиме 1.7 км во спротивен правец од нејзиното течение покрај нејзиниот брег каде излегуваме на асфалтниот пат кој води спрема езерото и по 500 метри возење по него, свртуваме лево и повторно сме на земјен пат. Се упатуваме/качуваме спрема викенд населбата Абланица, качуваме околу 250 метри во должина од 6.5км и излегуваме на асвалтниот пат Пехчево-Равна Река токму пред дрвената инфо табла. По 3км возење по асфалтниот пат во правец кон Равна Река од левата страна на коловозот се наоѓа еден од најубавите Пехчевски водопади, кој можете да го посетите со 30 минутно пешачење, а каде што службено полициско лице ќе биде задолжено за безбедност и чување на велосипедите и споделување на информации.

Водопадот можете да го посетите по сопствен избор, но имајте во предвид дека посетата одзема скоро еден час. Следните 6.5 км водат до викенд населбата Равна Река каде се наоѓа првиот пункт за освежување и тука е предвидена 10 минутна пауза и собир на гурпата. По паузата тргнуваме длабоко во шумата каде повторно почнува „офф-роуд” патека на која остануваме се до последните 2км до целта. Сладат 2,5 км на кој се совладува висинска разлика од околу 170 метри и за кратко се стигнува до раскрсницата каде ќе биде присутен првиот безбедносен џип на пограничната полиција, овде турите се делат за „Големата тура” (лево) и „Малата тура” (десно)

-„Големата тура” продолжува во правец спрема караулата Ченгино Кале (2.5 км 250м елевација) каде се наоѓа вториот пункт за освежување, тука е предвидена 10 минутна пауза, по што следи движење спрема врвот Ченгино Кале (5км 270м елевација) кој се наоѓа на 1760м надморска висина и каде е присутен вториот безбедносен џип на пограничната полиција.

По паузата патот нè води кон месноста „Бачило” односно третиот пункт за освежување од каде следи спуст од 6 км каде што се спојуваме со МАЛАТА ТУРА.

-„Малата тура” продолжува надесно од раскрсницата каде се дели патот за голема/мала тура и позиционираниот прв безбедносен џип на пограничната полиција, возејќи 3.7 км и качувајќи 175 метри, се стига до местото „Бачило” односно вториот „Чек Поинт” (а трет Чек Поинт за „Големататура”) – пункт за освежување..
Повторно соединета патеката за двете тури продолжува према местото викано „Бреза” и притоа возејќи 5км и совладувајќи блага угорнина од 160 метри стигаме до ливадата каде што доколку имаме среќа ќе наидеме на стадо диви коњи.
По „Бреза” следува активирање на адреналинот, моментот што повеќе спремните велосипедисти го чекаат….СПУСТОТ од 7км, наместа и до -27% делевација.

Завршницата на турата е во камп зоната каде учесниците ќе бидар послужени со топол организиран оброк-ручек.

Информација за „Планинарската тура” со водич. Таа е во должина од 14км и совладување висинска разлика од 200м, односно нејзиниот старт е од бзаниот камп кој се наоѓа на 800мнв, па се до Беровското Езеро, кое се наоѓа на 1000 мнв и повторно враќање по планинарски патеки во камп местото во Берово. Искачувањето во насока кон езерото ќе биде по сртот на планината со широки отворени видици се до Пирин Планина, по кое планинарите ќе одморат на самиот езерски брег. По одморот и релаксирањето во прекрасната глетка на планинското езеро, потонато во беспрекорен мир, опкружено од борова шума, следи планинарењето назад кон градчето, но сосема од другата страна на планината, по убаво бележана патека низ густа висока, борова, дабова и букова шума.

Повеќе за агендата на настанот може да погледнете тука

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија