Статистика за точакот и сонцето

Наслов

Сонце за две тркала

Замислете, Холандија како велосипедска велесила да ги има сончевите денови на Македонија... За сè друго би постоел Мастеркард. А кога Македонија би ги имала точаците на Холандија.. Ќе нема кој да ги вози, а Мастеркард ќе си остане Мастеркард. 

Уште во 1938 година во една новинарска статија, велосипедот е тагиран како „најхоландското превозно средство". Од тогаш па досега работите се немаат сменето (бројките дури и отишле во нагорна линија) иако временската прогноза во цела Холандија низ годината е катастрофа (бар за возење точак).

Во просек, Холандија на годишно ниво гледа вкупно 66 сончеви денови. Времето во глобала е облачно, летата се најчесто свежи, а зимите не многу студени, но се претерано дождливи. Амстердам, воедно, е на четвртото место на скалата за најдождливи градови во Европа.

Сепак, и покрај не толку пријателски настроените климатски бројки, Холанѓаните се лидери во користење на велосипед како главно (за некој и единствено) превозно средство низ град.

Во главнaтa велосипедскa територија на светот, Холандија, велосипеди има колку и жители, околу 16,500,000. Според ова, Холандија во просек има 1,11 точак по глава на жител, а 90% од нив не 'рѓосуваат по шупа.

40% од целиот сообраќаи отпаѓа на велосипедистите, а во 2011 година се продале 1,171,000 нови велосипеди. Постои уште куп друга статистика со која нема потреба да се замараме, но само запаметете дека сите овие бројки се покрај оние 66 сончеви денови.

На другата страна на универзумот, Македонија.

Имаме, во зависност од изворите, од 230 до 270 сончеви денови во годината. Оваа бројка е доволна за климатскиот аспект.

Според Државниот Завод за Статистика на Р. Македонија во 2011 година било пресметано дека има 205,591 велосипеди низ домаќинствата во земјата. Според оваа бројка, секој Македонец поседува просечно 0,1 велосипед.

Иако резултатите треба да се земат со резерва (бидејќи постојат можности за статистички грешки), самите ние треба да сме свесни дека велосипедот како превозно и рекреативно средство премалку го користиме и покрај одличната клима што ја имаме.

Секоја чест на исклучоците, но мораме да се покажеме подобро бидејќи се работи за нашето здравје и за нашата околина.

10 Март 2013

За авторот