Скрши се на мразот

Викендов започна новата серија на Red Bull Crashed Ice шампионатот, еден од многуте екстремни, алтернативни и крајно интересни спортски настани кои се спонзорирани од Австрискиот гигант за енергетски пијалоци.

Red Bull Crashed Ice е натпревар каде четворица снажни момци лизгаат по вештачки создадена патека од мраз која е полна со остри свиоци и незгодни тумби. Самиот натпревар изгледа како хокеарска формула, каде типците (најчесто хокеари) со сите снаги, умешност и пргавост целат кон постигнување на што подобар пласман. Составен дел од натпреварувањето се малите незгоди и прекршувања што ги трпат тркачите на малите и тесни лизгави патеки.

Патеките се вештачки создадени и секогаш се поставени на некои урбанизирани места каде ќе има достапност за огромен број на гледачи кои би можеле да уживаат во кратките адреналински трки.

Оваа година шампионатот ќе се одржува на пет локации во северна Америка и Европа. Стартот беше одржан на 1ви декември овој викенд на водопадите Нијагара во Онтарио, на 26ти јануари се сели во Ст. Паул, Минесота, потоа следуваат две трки во февруари и март во Холандија и Швајцарија, а финалето ќе се лизга на 16ти март во Квебек, Канада.

Лизгачите низ шампионатот собираат поени во зависност од местото на кое ги завршиле трките, а со сумирање на бодовите се одбира шампионот.