Што играле Маите кога го правеле календарот

Утре, по преценките на календарот на Маите светот треба да си згасне, а тоа значи дека и фудбалот ќе згасне со него како колатерална штета. Навистина жално една маестрална игра да отиде во неповрат поради некоја природна катастрофа предвидена од некое племе. 

Но, барем за последен пат да им посветиме еден друг тип на внимание на луѓето кој ја зачнале воопшто првата тимска игра со топка и не благословија со мноштвото прекрасни спортови на планетава.

Не знаеме дали Маите додека го правеле календарот играле некакви ритуални ора и пушеле халуциногени делови од џунглата, но сигурно знаеме дека тие ја играле првата игра со топка.

Мезо-американската игра со топка која народно се викала ōllamaliztli (полесно ќе ви биде да ја запаметите шпанската верзија на името Ulama) била првата игра со топка и воопшто првата тимски организирана игра која некогаш се играла на планетава земја.

Играта датира од пред 3500 години и единствениот одговор на прашањето зошто токму Маите и тамошните централно американски племиња ја играле првата игра со топка (и тоа гумена), а не некои други цивилизации лежи во нивното знаење и симбиозата со природата. Маите знаеле како да го експлоатираат каучукот со што можеле да прават гумени работи (чак и топки) далеку порано од сите други цивилизации во светот. На останативе, пример Европејците, им требале додатни 3000 години (1839 година; Чарлс Гудиер) за да си ја направат првата гумена топка и да можат да играат ко луѓе. Пред тоа играле со крпени топки.

Ōllamaliztli била толку важна во секојдневниот живот (не многу различно од фудбалот денес) бидејќи според религиозните верувања таа била потребна за опстанокот на човештвото. Тимовите играле со гумена топка (која многу често од технички аспект во центарот имала човечки череп, за да биде полесна) во посебно изградени камени арени чии димензии варирале, а нормално имало и трибини на кои што навивале лојалните фанови.

Целта на играта била, гумената топка тимски да се пренесе од еден на друг, употребувајќи ги само колковите и рамената (без раце и нозе) и да се постигне гол во камениот обрач кој бил вертикално поставен на ѕидот од арената. Поради самите правилата (играње само со колк и рамо) и поради самата топка, која тежела околу 4kg, играта била екстремно тешка и најчесто завршувала по постигнување на еден гол (Златен гол).

Играта била комплексно и длабоко ритуално поврзана со верувањата на Маите што знаело негативно да се преслика на губитничката екипа. Капетанот на екипата најчесто бил земан како жртва пред боговите, бидејќи, според верувањата тоа било потребно за племето да има успех во земјоделството, трговијата и целокупното здравје на останатите жители.

А да, имало и кладилничарски работи по трибините, па многу често луѓето пишувале ливчиња пред натпреварот надевајќи се на некој ситен ќар.

Што друго да кажеме, Ви благодариме што бевте толку фини во учеството на откривањето на најважната споредна работа на светот, а воедно и поради тоа што ни откривте кога ќе бидеме збришани од планетава.