Шарпланински прошетки за ваша душа

Овој викен во дводневна режија на ПД „Трансверзалец“ ќе се одржат „Шарпланински прошетки“, настан отворен за сите расположени за добро дружење, планинарење и престој на една прекрасна планина.

Настанот е закажан за 27 и 28 септември овој викенд со првична посета на Караниколички езера со пристап од селото Бозовце откаде има просечно 5 часа пешачење во еден правец до езерата. Организиран превоз ќе има во 6 часот од железничката станица во Скопје и цената е 500 денари, а заинтересираните ќе имаат можност да одберат дали после ова качување ќе сакаат да се вратат во Скопје, да отидат на ноќевање во планинарскиот дом Смрека на Попова Шапка (со бус) или пак да отидат пеш од таму преку Лешница до Попова Шапка т.е. до п.д. Смрека (плус 3 часа пешачење).

Планинарскиот дом Смрека е одлична локација за сите спортско-рекреативни љубители на планината и за оние кои сакаат да минат убав викенд на прекрасно место за пристојна цена. Домот има 100 легла, одлична кујна и тараса и редовно работи за викендите, а доколку има потреба за поголеми групи тој може да се отвори и за време на работната недела. Ноќевањето за шарпланинските прошетки ќе биде 200 денари со вклучено гравче и печен вргањ. 

Вечерта во планинарскиот дом закажана е презентација на Здравко Дејановиќ од неговото искачување на К2 како и проекција на слики за првата македонска трансверзала Љуботен – Охрид каде што ќе се поделат и дипломи за оние кои ја минаа трансверзалата оваа година. 

Наредниот ден, во недела на 28 септември организирано е отварање на трим патеката „Вргањ Плус“ која ПД „Трансверзалец“ ја имаат воспоставено и маркирано, а која води до бисерот на Шар Планина, Лешница. Група ќе има можност и да оди во потрага на вргањ (со искусно лице во областа на печурките) и ќе се искачи и на врвот Плат, а времетраењето на прошетката е 8 часа. Друга пак група ќе има можност да отиде на Боговињско езеро од Попова Шапка, пешачење кое стартува во 7:30 часот и трае приближно 8 часа. 

Цената за превоз во недела на релација Скопје – Попова Шапка изнесува 400 денари, а дводневно со вклучено спиење во домот изнесува 1000 денари.

Повеќе инфо тука

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија