Седум дена, седум маратони на седум континенти – нов рекорд

Да истрчаш еден маратон е лудило. Да истрчаш седум маратони, на седум континенти за седум дена е…

Сузан Гил е победник на годинешното издание на Светскиот Маратонски Предизвик (World Marathon Challenge) со вкупно време од 24 часа и 19 мин или просечно по трка тоа би било 3 часа и 28 минути. Овој маратонски предизвик кој се одвива на сите седум континенти во седум последователни дена таа го комплетираше во време кое е за дури три часа побрзо од сега веќе стариот женски рекорд. Притоа, Сузан победи на шест од седумте трки.

World Marathon Challenge е еден од најисцрпувачките маратонски предизвици на светско ниво. Во само седум дена учесниците трчаат на секој контитент и притоа доживуваат температурни разлики од -35 степени на Антартикот до +35 степени во Кејп Таун. Во неговата историја само 200 учесници успеале да го финишираат што се должи и на екстремноста на трката но и на екстремната стартнина која чини 36,000 евра и вклучува чартер летови, сместувања и логистика. Се трча на Антартикот, Кејп Таун, Перт, Дубаи, Мадрид, Сантијаго и Мајами.

Победничката Гил сите 7 маратони ги истрчала за време пократко од четири часа при што најспора (и најлошо пласирана-втора) била на Антартикот со време од 03:53:55 часа, додека пак најбрза била во Мадрид со време од 03:11:49 часа.

По завршувањето на трката таа изјавила дека пред десетина години почнала да трча за да стане фит спремајќи се за Лондонскиот маратон. Од 2008 па до сега таа истрчала вкупни 45 маратони. Спремањето за овој Светскиот Маратонски Предизвик било многу исцрпувачко и, како што таа вели, ја направило да биде прилично антисоцијална. Во текот на трката трошела помеѓу 4000-5000 калории дневно што било тешко да се надоместат во континуитет особено во последните три дена од натпреварувањето, па често се случувало да се буди од сон за да внесе некоја калорија плус.

Машкиот рекорд на овој предизвик го држи Мајкл Вардиан кој го постави минатата година, кој повторно беше победник во машка конкуренција оваа година.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија