Одржано седмото сквош првенство на Македонија

Во текот на викендот, од 3-5ти април, се одржа седмото сквош првенство на Македонија. Турнирот се одржа на терените на Сквош Центар во Скопје, со учество на 16 натпреварувачи. Првите натпревари беа во групна фаза, а од полуфиналето натаму по систем на елиминации, до конечна разврска за сите места

 

И овојпат најдобро рангираните два натпреварувачи, Сотировски и Шишовски, ги репризираа претходните финалиња од првенството и од Купот во 2014г. и ја потврдија доминацијата над другите активни натпреварувачи.

Тие практично се прошетаа низ групната фаза, со максимален број победи, и само еден изгубен сет на Шишовски. Во своите полуфиналиња обајцата ги победија своите противници Новески и Богоевски и сосема заслужено уште еднаш меѓусебно одлучуваа за првакот. Сотировски и овојпат го освои трофејот, и со тоа ја продолжи „сопственоста” на пехарот од официјалните првенства веќе петта година по ред. После многу мотивирана и технички дотерана игра, но и со тактичка контрола на случувањата на теренот, Сотировски брзо заводе со 2:0 (11:3, 11:4) во сетови.

Во третиот сет, Шишовски се созеде и заигра поангажирано, и заводе со 4:1, но после еден спорен поен, по кратка дискусија го напушти теренот и не сакаше да го продолжи мечот. Неодлучноста на судиите околу спорниот поен веројатно беше мал фактор, но важноста на натпреварот кај големите ривали донесе напнатост и нервоза, и тоа веројатно ја предизвика оваа постапка на Шишовски. Со тоа, на невообичаен начин заврши турнирот за првенството на Македонија, кој како ретко кога изобилуваше со многу квалитетни, драматични и напорни мечеви.

Бронзениот медал го освои Емил Новески, кому ова му беше премиерен меч во борба за медал. Во неговото само четврто учество на сквош турнири во Македонија, бившиот јуниорски тениски репрезентативец, заслужено, со 3:1, во истоштувачки меч го победи некогашниот вицешампион од 2011 г., Благоја Богоевски. Искуството на Богоевски не му помогна да го надигра вдахновениот и технички, но и физички одлично подготвениот Новески. Очигледно беше дека неколкуте несреќни и тесни порази во битни мечеви од минатите турнири биле добро искуство за Новески, и тој овојпат не потклекна во одлучувачките моменти.

Во борбата за петто место, повторно се сретнаа старите ривали Горан Панев и Златко Крстевски. Нивните дуели постепено добиваат епитет на дерби, иако веќе неколкупати по ред Панев е подоминантниот и резултатски поуспешен натпреварувач што и овојпат беше случај. Мечот се одигра во силно темпо од почеток до крај, а физичката супериорност на Панев му помогна да ги одбие налетите на Крстевски, кој иако загуби со 3:0, сепак одигра одличен меч, а тоа важи и севкупно за целиот турнир.

Мора да се спомене дека обајцата ги изгубија своите најбитни мечеви во групната фаза против директните конкуренти, со што практично беа елиминирани од можноста за директна борба за медали, односно полуфиналиња. Панев изгуби од Богоевски, откако при водство од 8:5 не го приведе кон крај последниот сет, а можеби и загуби концентрација по една спорна топка во тој поен, односно по негово преигрување. При тој поен, тој во најпозитивен можен начин покажа фер плеј и дозволи негово преигрување. Крстевски пак испушти меч топка против Новески, исто така во петтиот сет. Тој меч беше борба на младост против искуство, и двајцата натпреварувачи имаа свои брилијантни моменти и одлични потези. Борбеноста беше на завидно ниво и тоа низ текот на сите сетови, но Крстевски потклекна во самиот финиш на мечот.

Тие два меча беа меѓу најдраматичните на првенството, а во конкуренција е и мечот за седмо место меѓу Живко Котевски и Ѓоко Петковски. Овие двајца натпреварувачи жестоко се бореа за секоја топка и за секој поен, и на теренот ги оставија и последните сили, а за гледачите беше вистинско уживање да се гледаат петте сета и големата желба и борба на обајцата брзи и агилни играчи. Во максимално спортски дух, победи Петковски со 3:2, иако Котевски водеше со 2:1 во сетови. Во последните два сета Котевски не издржа со истото пеколно темпо кое го наметнаа обајцата натпреварувачи и победникот го решија само финеси, и можеби поголемото искуство на Петковски. Со овој успех, Петковски постепено се зацврстува меѓу повисоко рангираните сквош играчи во Македонија, а со одличниот настап и Котевски ќе напредува на ранкинг листата.

И Михајло Ристески имаше забележителен настап, но со повеќе порази отколку победи, не можеше да постигне повеќе од деветото место. Кај него е видлив напредокот во техниката на ударите, и од турнир на турнир дава се поголем отпор на подобро рангираните играчи, а неколку сетови изгуби само заради недостаток на концентрација во одлучувачките моменти. Во промотивен мини турнир за јуниори, Виктор Панев заради подобар сет скор беше првопласиран, пред второпласираните Марко Марковиќ и Горјан Крстевски. Кај сите јуниори е забележителен голем технички напредок како и се подобро разбирање на тактичките аспекти на играта, но за посериозни успеси ќе мора да посветат поголемо внимание и на својата физичка подготвеност.

Финале – Кирил Сотировски : Стефан Шишовски – 2:0 (11:3; 11:4, 1:4 предадено)

Меч за трето место – Емил Новески : Благоја Богоевски – 3:1 (10:12; 11:5; 11:7; 7:11; 12:10)

Полуфинални мечеви Кирил Сотировски : Благоја Богоевски – 3:0 (11:4; 11:7; 11:2)
Стефан Шишовски : Емил Новески – 3:0 (11:7; 11:7; 11:8)

Пласман на првите десетмина

1. Кирил Сотировски
2. Стефан Шишовски
3. Емил Новески
4. Благоја Богоевски
5. Горан Панев
6. Златко Крстевски
7. Ѓоко Петковски
8. Живко Котевски
9. Михајло Ристески
10. Бранко Калеовски