Reel Rock 11 со одлична доза на позитивна енергија

Во неколку часовна програма во киното Фросина, вчера на 28.02.2017 беше прикажано единаесетото издание на качувачката филмска турнеја Reel Rock која во Скопје се одржува трета година за ред. 

Голем број на заинтересирани љубители на филмовите поврзани со авантуристичкиот стил на живот и акцент на разните стилови на качување имаа можност да уживаат во неколку часовниот репертоар на турнејата Reel Rock која го имаше своето 11-то издание, а трето во Македонија. 

Reel Rock (или во некој слободен превод – /филмска/ ролна од камен) претставува проект на американските филмаџии Џош Лоувел и Питер Мортајмер кои во 2006 година решаваат да ги спојат нивните индивидуални проекции во една филмска турнеја. Од тогаш па наваму, секоја година продукциите Сендер Филмс и Биг Ап Продакшнс креираат 6 филмови кои опфаќаат повеќе аутдор спортови најмногу насочени кон качувањето. 

Во Македонија, турнејата за прв пат беше донесена во 2014 година од страна на здружението Солис кога беше прикажан фантастичниот Valley Uprising, а ова беше трето издание во нашата држава на кое љубителите на спортовите во природа и авантури можеа да уживаат. 

Публиката која ја исполни целата сала во киното Фросина имаше можност да ужива најпрво во два домашни филмови за искачувањето на Денали на Илина Арсова и Филип Василески – Четкар и првата женска македонска експедиција на Мера Пик составена од Маја Бошкоска, Александра Герасимова и Ана Грбиќ, за потоа да ги погледне интересните парчиња од турнејата кои беа составени од филмот НОВИТЕ МОМЦИ кои ги опфаќа екстремно младите качувачки феномени Ашима Шираиши и Каи Лајтнер, нивните резултати и прокети, успеси и падови. 

Потоа следеше МОМЦИ ВО ВРЕЌИ каде двајцата крајно несериозни и интересни ликови Мет Сегал и Вил Станхоуп низ текот на 4 години пробуваат да искачат тешка насока која минува низ гранитна пукнатина во канадската дивина. БРЕТ беше следниот филм кој го опфаќа животот и качувачките авантури на девојката Берт Харингтон, па ОДЛИЧЕН ТАТКО кој го глуми познатиот авантурист Мајк Либецки и неговиот баланс помеѓу семејството и неговата пасија. 

Турнејата заврши со фантастично позитивната и смешна приказна за бротчето DODO’S DELIGHT, неговиот 80-годишен капетан и 4 отракани Белгијци кои одат на островот Бафин да качуваат, пијат, живеат и уживаат во она што најмногу го сакаат…

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија