Reel Rock 11 - премиера во Maкедонијa 
28 февруари 2017, кино ФРОСИНА (Младински Културен Центар), 20ч.

Reel Rock 11 турнејата е закажана за крајот од февруари во Скопје

И оваа зима, пред самиот крај на светската REEL ROCK филмска турнеја, Скопје ќе успее да ги погледне најголемите светски качувачки достигнувања на големото платно! Тоа значи дека Скопје по трети пат ќе биде сведок на најголемиот качувачки празник – REEL ROCK, документарниот серијал кој стигна до своето единаесетто издание, во чии рамки ќе биде претставена најновата колекција на возбудливи качувачки филмови кои ги прикажуваат најголемите приказни и атлети во рамките на спортот.

Петте нови филмови ќе ви донесат возбудлива акција, патувачки истражувања низ светот, голема смеа и вистинска инспирација. Настанот како и секоја година ќе биде збогатен и со локална програма која преку видеа ќе се осврне на нашите највозбудливи качувачки подвизи. Подгответе се за овогодинешната доза врвно качување и бескомпромисен алпинизам!

Пред две години македонската публика за прв пат имаше можност да го проследи деветтото продолжение на REEL ROCК, кое го донесе најнаградуваниот аутдор документарен филм ‘Valley Uprising’ на американските филмаџии Питер Мортимер и Ник Росен, а потоа и јубилејното десетто издание на највозбудливата качувачка филмска турнеја REEL ROCК 10. Овој пат со уште посилна локална програма и уште пет документарни филмови за најголемите случувања и достигнувања во глобалниот качувачки свет, што го прави REEL ROCK 11 вистинско место за посветените качувачи и љубителите на карпите и високите снежни планини.

Единаесетата REEL ROCK филмска турнеја, традиционално започна на 15-ти септември во Болдер, Колорадо, оваа година за прв пат во облик на фестивал, а потоа продолжи во Сиетл, Сан Франциско, Њу Јорк и Вашингтон, од каде продолжија стандардните премиери насекаде низ светот, прикажувајќи ги најдобрите филмови за алпинистичките авантури на публиката ширум светот. Оваа година со REEL ROCK 11, Скопје заедно со уште околу 500 градови низ светот, повторно ќе ја има несекојдневната можност да ја гледа премиерата на најновото издание на REEL ROCK и ќе добие уште една доза од најголемите аутдор и качувачки достигнувања, од најзначајните и најискусните качувачи како Ашима Шираиши, Каи Лајтнер, Мет Сегал, Вил Станхоуп, Берт Харингтон, Мајк Либецки, Шон Виланова Одрискол, Нико Фавресе…

Што се однесува до нашите најголеми достугнувања, неизбежно за претставување е искачувањето на највисокиот врв на Северна Америка, Денали, кој беше петтиот предизвик на нашата алпинистка Илина Арсова од циклусот „7 врвови на 7 континенти”. Овој суров високогорски и ски-алпинистички предизвик со неговите 6195 метри надморска височина, го реализираше заедно со Филип Василески – Четкар оваа година. Друг дел од локалната програма e и достигнувањето на Маја Бошкоска, Александра Герасимова и Ана Грбиќ кои на 10 октомври го освоија Мера Пик во Непал, со своите 6476 метри надморска височина, станувајќи со тоа првата македонска женска хималајска експедиција. Во рамки на REЕL ROCK ова големо достигнување ќе биде претставено преку ексклузивен видео материјал. Локалната програма е доказ дека оваа година на качувачки план жените успеаја да ги направат најуспешните високогорски искачувања!

* * *
Основани во 2006 година од страна на Џош Ловел (Big UP Productions) и Питер Мортимер (Sender Films), REEL ROCК проекциите ги прикажуваат најдобрите филмови за алпинистичките авантури на публиката ширум светот и се духовни настани каде алпинистите, авантуристите и љубителите на природата се здружуваат за да ја прослават и искусат сржта на авантуристичкиот филм. Дел од забавата на REEL ROCК настаните секогаш се и различните презентации, доделување на награди, присуството на врвни алпинисти, кратки филмови и претставувањa, а локалната програма се состои од филмови и презентации за најголемите достигнувања на локалната качувачка сцена.
Повеќе информации на страната на REEL ROCK Macedonia или на официјалниот настан.

* * *
REEL ROCK 11 ПРОГРАМА:


- Илина Арсова: искачување на Денали /ВИДЕО/|

– Прва македонска женска хималајска експедиција /ВИДЕО/


- REEL ROCK 11

Листата на најновата колекција филмови кои ќе бидат прикажани на REEL ROCК 11:

НОВИ ДЕЧКИ

30 мин.

Главни ликови: Ашима Шираиши и Каи Лајтнер

Споредни ликови/гласови: Крис Шарма, Меган Мартин, Робин Ербесфилд-Рабоуту.

Запознајте ги новите фаци на качувањето: 15 годишната Ашима Шираиши и 16 годишниот Каи Лајтнер, лидери на новата генерација, кои веќе го носат спортот на следното ниво. Ашима, која жиеве во Њу Јорк, е најмладата личност и првата жена која искачи 5.15a . Каи, кој доаѓа од Фајатевил, Северна Каролина, стана национален шампион во качување уште во средно училиште. НОВИ ДЕЧКИ ги следи овие двајца пријатели и чудо од деца за време на нивниот летен одмор во Норвешка, каде легендарната пештера Флатанџер, ги става на тест нивните вештини и ги принудува да излезат надвор од комфорт зоната. За крај, Ашима патува за Јапонија да направи историски подвиг и да постави нов стандард на Хорајзонс, жесток болдер проблем со 30 движења, на работ на оцена V15.

МОМЦИ ВО ВРЕЌИ
20 мин.

Главни ликови: Мет Сегал, Вил Станхоуп

Споредни ликови/гласови: Седар Рајт

Мет Сегал и Вил Станхоуп се елитни качувачи по пукнатини и смотковци од светска класа. Во ера на елитни спортисти, модерни диети и строги режими за тренинг, олдскул пристапот на Мет и Вил се состои од напорни обиди, доста забава и лекување на болката со неколку ладни… Предизвикот се појавува кога прават обид на зезнатата мулти-пич 5.14 пукнатина која се издига над глечер во Канадската дивина на планината Бугабу. Придружете се на нивниот ролеркостер од смеа и солзи за време на епската, неколкугодишна потрага, да се постави најсилниот кандидат за најтешкото традиционално алпинистичко искачување.

БРЕТ

12 мин.

Главни ликови: Берт Харингтон

Споредни ликови/гласови: Марк-Андре Леклер

Проследете го надоаѓачкиот талент Брет Харингтон, низ нејзиното глобалното патување од гранитот во својот роден град Сквамиш, преку пологонот за докажување – големиот ѕид на Ел Капитен во Јосемити, па се до крајната дестинација, нејзиното познато фри соло на шпицот Сент Егзипери во Патагонија.

ОДЛИЧЕН ТАТКО
12 мин.

Главни ликови: Мајк Либецки

Споредни ликови/гласови: Енџи Пајн, Џонатан Тесенга, Кори Ричард, Даглас Мекдоналд

Осамениот волк Мајк Либецки има реализирано повеќе од 50 експедиции со својот појас, патувајќи најчесто сам, до најоддалечените делови на светот да пронајде неискачени ѕидови и да воспостави први искачувања. Кога Мајк стана татко, доби нов предизвик: да го усогласи својот авантуристички живот со барањата на родителството. Во тој процес, тој може да добие и нов партнер за своите експедиции.

DODO’S DELIGHT
30 мин.

Главни ликови: Шон Виланова Одрискол, Нико Фавресе, Капетан Боб Шептон
Споредни ликови/гласови: Оливер Фавресе, Бен Дито

Спакувајте ги инструемнтите и развиорете ги едрата за една луда едречка авантура низ Арктичкиот круг со бродот Dodo’s Delight. Придружете се на Шон Виланова Одрискол, Бен Дито, браќата Нико и Оливер Фавресе, и нивниот 79 годишен капетан, почитуваниот Боб Шептон, кога бандата тргнува на рокачко музичко патување на отворено море, смрзнувачки темпеартури и неискачени големи стени. Telluride Mountainfilm кој на Dodo’s Delight му ја додели престижната награда „Charlie Fowler”, го нарече филмот “олицетворение на авантурата”.

За повеќе информации следете го настанот

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија