Наслов

Првојануарски фрирајд на Љуботен

Врвот Љуботен е многу претпознатлив по тоа што се наоѓа на десниот крај на Шар Планинскиот масив, има совршена пирамидална форма што и се гледа по неговата сенка на сликава подолу..

Најпрвин среќна нова година.

Пред три години тогаш новата 2011-та ја дочекав во планинарскиот дом Љуботен во мало интимно друштво. Првиот ден од годината се искачивме на врвот Љуботен, и ми остана врежан тој ден како еден од најубавите прво-јануарски денови, далеку од Скопските гужви, релаксирано на планина.

Тие убави спомени беа причина да го повторам тоа, да славам нова година во удобниот дом Љуботен, под гурманска закрила на домарот кој ни приготвуваше преубави јадења. И овој пат имавме испланирано искачување кон врвот Љуботен, но со мала измена, планиравме и да скијаме надалу. Комбинирано, искачување на еден од моите омилени врвови, скијање од истиот, и тестирање на новата splitboard играчка звучеше ветувачки и доволно добро како и што испадна на самиот крај на денот.

Искачувањето одеше лесно, освен на некои северни делови каде иако се движевме со турно техника, беа потребни дерези (кои ги немавме) поради пролизгување од лед.

Бевме осумина, двајца пеш, еден скијач и петмина со даски. Снегот што паѓаше изминатите недели се имаше повлечено неколку стотина метри над планинарскиот дом, односно околу еден час пеш нагоре, но сепак како и што очекувавме, над таа граница имаше сосема доволно снег, особено на северните страни од овој врв. Речиси секој пат кога го посетував овој врв копнеев и замислував како би било да се скија надолу. Се` уште импресиите се преголеми за да можам да ги претставам верно тука во текстот. Затоа после овој краток вовед, ќе споделам само неколку фотографии за да се добие колку-толку слика :)

Одлучивме да скијаме веднаш под врвот, блиску до Козјата стена, падина која поради јужната изложеност беше со мек снег, но и со многу камења поради топење на снегот, па мораше некои кулоари кои инаку би ги скијале да ги симнуваме пеш.

Опиени од преубавите глетки наоколу, заборавивме на времето, и сонцето почна да заоѓа пред спуштањето, нешто што не ни беше од корист поради брзото мрзнење на снегот.

Подготовки пред спуштањето

Од лево надесно: Хекуран Зекири, Елен Диновска, Александар Зарапчиев, Маја Мухич, Методи Челиманов и најдолу - фотографот Гоце Танески - Работилница.

          "...Long live Snowflake Guerilla..."

          текст на Александар Зарапчиев

09 Јануари 2014

За авторот