Интервју со Владимир Донев

Првиот Македонец во Нитро Сноуборд тимот

Сите знаеме дека 22ри декември е светскиот ден на сноубордингот, а Нитро Сноуборд Македонија и Владимир Донев го одбележаа и удрија параф за отпочнување на соработка. Во таа чест решивме да го повикаме на шанк и да ни раскаже нешто повеќе околу фрирајд сноубордерЦките работи. 

Како дојде до соработка помеѓу тебе и Нитро сноуборд тимот?

Живеејќи го тоа што најмногу го сакам, и поминувајќи најголем дел од моето време на планина, воедно како сопственик на Д Хаус и лидер гајд на Ескимо фрирајд во последниве неколку години сум во постојан контакт со луѓето од оваа бранша. Стапив во контакт со менаџерскиот тим на Спорт М кои што ја препознаа енергијата и потенцијалот во мене. Како дел од фрирајд сцената во Македонија ми беше понудено да бидам спонзориран од нивна страна и да станам дел од Нитро Сноуборд тимот, воедно и првиот Македонец кој ќе биде спонзориран од овој глобален бренд. На мое искрено задоволство и радост беше потпишан спонзорски договор со овој бренд кој во Македонија е достапен во продажните мрежи на Спорт М и пошироко.

Во кој правец ќе носи новиот предизвик и како според тебе ќе се одрази за твојот развој во овој спорт. 

Со оглед на 3 годишната функционалност на Д Хаус кој во моментов не функционира заради немилиот настан што се случи и официјално да кажам дека годинава нема да функционира, но далеку од тоа дека сме се предале, правиме напори да го надминиме овој прериод на Д Хаус и повторно да го изградиме и да продолжиме да растеме.

Со минатогодишниот џемсешн што беше одржан во наша организација, се надѕирна она што секој сака да го види во континуитет, добра забава, спорт, музика, среќни и насмеани луѓе. Овој договор само ја бустира мојата енергија да продолжам да давам поткрепа и работам за развојот на оваа сцена кај нас.

Воедно, да најавам дека оваа сезона организирам слоупстајл натпревар кој ќе се одржи на Попова Шапка во месец февруари во соработка со ЕЛЕМ Турс и Спорт М како генерален спонзор на настанот.

Каква е сноуборд сцената, односно фрирајдот кај нас, и каков е потенцијалот за развој во иднина?

Македонија има огромен потенцијал, странците кои ја посетиле нашата држава и ги препознале можностите навистина ја ценат нашата природа, иако немаме совршени услови сепак се кова добра прикаска и авантура и тоа тие го знаат и почитуваат. Фрирајдот кај нас е во подем, иако малку субјекти го пратат овој тренд со увоз на опрема, логистика и едукација, сепак има ентузијасти кои вложуваат и покажуваат талент. Се бара подлабок паудер и се пегла восок за нови предизвици. Голема олеснителност за мене е договорот кој го потпишав со Нитро затоа што имам бренд кој ќе ме прати во мојот развој понатаму.

Како прогредира овој сегмент и има ли доволно следбеници од домашна сцена?

Фрирајдот кај нас е млада сцена но има групи кои со многу љубов го прават тоа (спортски поздрав до истите). Меѓутоа е многу е различно од сноубордингот на стаза. Изложеноста на елементите е значително по голема од секој аспект, а со тоа и ризиците. Поради тоа потребна е квалитетна опрема, едукација и вистинска посветеност за што побезбедно да може да престојуваме во недопрените планини и длабокиот снег.

Како ги оценуваш нашите потенцијали за овој тип на спорт, и колку странците ги препознаваат како дестинација за алтернативен и спортски туризам нашите планини.

Покрај ски центрите, Шар Планина има голем потенцијал за развој на оваа сцена но и другите планински масиви имаат што да понудат, како Јакупица, Даутица, Корабскиот масив, Кајмакчалан и други. Како водич на Ескимо Фрирајд гостите што ги имам се најчесто странци од најразлични места од светов, добри скијачи со големо искуство и многу поминати дестинации. Нивниот фидбек е дека планините не се толку капрести и дека Македонија има огромни природни потенцијали за фрирајд и бек каунтри.

Како се планира да се развива овој сегмент како дел од спортскиот туризам во Македонија.

Прогресираме како држава со спортскиот туризам, добар е фактот што последнава година се прави каптажа за вештачко езеро на Шапка и шестоседот е во план. Крушево и Пониква добија технички снег, ова е особено е важно за истите бидејќи имаат перфектна слегнувачка патека и вертикал дроп каде може да се направат сноу паркови. Кожув се надевам ќе ги отстрани проблемите со патот бидејќи има страшен фрирајд потенцијал.

Да не се странците, нема кој да пројави интерес за нашето природно богатство што секако можеме да го искористиме во поглед на зимските спортови и рекреација. Од година во година се мрднува, но треба стратешка подршка и план на државно ниво за да се забрза процесот.

Опремата е од важен сегмент во спортот, што би препорчал за сите оние кои се готват за сезонава.

Би ги охрабрил оние кои ја сакаат планината да излезат надвор од патеките, но пред сè да се едуцираат за својата безбедност и ризик и да бидат спремни да доживеат нешто што целосно ќе ги обземе. Јас веќе 3-та година активно ја избегнувам стазата, а имам повеќе од 100 дена на снег во сезона. Сега откако Нитро е достапен во Македонија понудата за квалитетна опрема е уште поинтересна и побогата. Останува сите снежни адреналин џанкис да се молат за снег, пут под ноги и се гледаме на брдо. Убава сезона и не заборавајте, безбедноста на прво место.

One Love 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија