Првата дама на фудбалот

Не зборуваме ниту за најновата жена на Сеп Блатер, ниту за тие претходните, туку за Португалката чии што татко мразеше фудбал, а таа стана првиот женски менаџер на еден машки професионален тим. 

 

Во следната сезона францускиот второлигаш Клермонт Фут ќе биде менаџиран од првата жена која седнува на оваа позиција во машкиот професионален фудбал, Португалката Хелена Коста, изминатава недела објавија од европските медиуми.

Хелена која својата кариера ја започна како фудбалерка на Бенфика како тинејџер во 1997 година премина од играч во тренерските води каде што го водеше тимот на играчи помали од 17 години со кој освои две младински титули. По овие успеси таа го водеше тимот на Одивелас за потоа да стане селектор на женските репрезентации на Катар и Иран.

Истовремено, таа работеше како еден од главните скаути на шкотскиот прволигаш Селтик, а нејзиниот следен чекор е нешто што за прв пат се случува на светско ниво, една жена да менаџира професионален машки фудбалски клуб во некоја од двете дивизии на една од најсилните лиги во Европа, Франција.

Реакциите од страна на јавноста се движат во различни правци, од поддршка за една ваква одлука на францускиот тим до сомнежи за тоа дали таа доволно добро ќе се справи со улогата.

Во некои медиуми таа веќе беше наречена „Мурињо во сукња“ бидејќи веќе има работено со врвниот стратег додека тој беше во Бенфика, а интересна е контроверзната приказна за жените кои испаднаа да бидат мажи или луѓе со незавршена промена на полот во женскиот национален тим на Иран (на ова со хумор се поврзуваше дека таа веќе има тренирано мажи).

Голем дел од фудбалските клубови и важни лица во фудбалот, како и самиот Сеп Блатер ја отпоздравија оваа одлука, а останува да се види како Хелена ќе се справи со нејзината позиција во наредната сезона.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија