Прва македонска трансверзала – цел филм

Доколку сакаш да патуваш, помини ја Шар Планина и ќе бидеш подготвен за било кои услови, било каде… 

После успешна премиера на Ехо – филмскиот фестивал во Скопје 2015 година, документарниот филм на Горан Вуќиќ и Кирил Шентевски насловен како „Прва македонска трансверзала” успеа да прошета дел од светот и да ја прикаже недопрената убавина и природа на нашите високи западни планини. 

Според нашите видувања, филмот претставува едно од најважните парчиња македонска кинематографија кое на документаристички начин ја разработува планинарската историја на првата, во Македонија, и една од најважните трансверзали на Балканските простори – Западната трансверзала која го минува целиот срт на Шар Планина, Бистра, Стогово и Караорман и ги конектира врвот Љуботен со селото Ботун, некаде на самиот праг на Охридското езеро. 

Истата претставува една од најтешките планинарски трансверзали во пошироки размери, долга околу 200 километри за кои се потребни од 8 до 10 денови пешачење по живописен и фантастичен предел во најголем дел на надморска височина над 2000 метри. 

Во 2014 година, креаторите на документарниот филм Горан Вуќиќ и Кирил Шентевски заедно со уште 14 други планинари учествуваа и успешно ја минаа трансверзалата каде документираа поголем дел од искуствата. Една година подоцна, заедно со помошта на постарите планинари од ЕЛЕМА и денешен ПСД Трансверзалец, момците успеаја да го изведат ова фантастично парче документарен филм. 

Повеќе за трансверзалата пронајдете ТУКА

Филмот беше прикажан на: 

– 6th Echo Mountain Film Festival, Skopje, Macedonia. 2015. (Special Mention)
– 24th International Festival of Mountain Films, Poprad, Slovakia. 2016
– 11th Macedonian film festival, Toronto, Canada. 2016
– 16th Bansko Film Fest, Bulgaria. 2016
– 14th Kathmandu International Mountain Film Festival, Nepal. 2016
– 11th Festival Gorniškega Filma, Slovenia. 2017

A сега, секој од нас има можност да го гледа на Вимео каналот и на линкот погоре. 

Уживајте и уживајте во планините! 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија