Промовирана професијата Интернационален водич во планина

Вчера на 19.06.2019 во Скопје, од страна на Македонска асоцијација на интернационални водичи во планина беше одржана свеченост на која беше промовирана професијата „Меѓународен водич во планина” по стандардот на УИМЛА – Унија на интернационални водичи во планина. 

Македонска асоцијација на интернационални водичи во планина постои од 2008 година и континуирано работи на имплементација на овој интернационален стандард во нашата земја со цел обучување на водичи во планина за професионална работа со клиенти. 

Минатата година во ноември, асоцијацијата стана полноправен член во меѓународната организација УИМЛА, а вчера во присуство на претседателот на УИМЛА и официјално беа доделени лиценците на првите 20 водичи. 

На почетокот на присутните им се обрати претседателот на Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина, Костантин Циривири, кој преку кратка презентација ги потсети присутните за тоа како се одвиваше процесот на имплементација на IML стандардот во нашата земја, од првите контакти со UIMLA во 2005 година, преку формирањето на МАИВП и приемот за полноправен член во меѓународната организација на професионални водичи во планина.

„Лиценците и беџовите на оваа група водичи во планина ќе значи препознавање на професионализмот во планина од страна на туристите и претставува добар пример во туризмот. На овој начин државата е на светската мапа и професионалноста е потврдена од меѓународна институција. Ова претставува охрабрување за другите луѓе да направат квалитетни туристички производи кои ќе ги продаваат на пазарот.” – истакна Циривири. 

На присутните им се обрати и претседателот на UIMLA, Иан Спаре, кој го искажа задоволството дека присуствува на еден од најдобро организираните настани за време на неговиот мандат. Претседателот уште еднаш повтори дека стандардите по кои што работи МАИВП се апсолутно високи и целосно ги задоволуваат меѓународните критериуми.

За време на свеченоста претседателот Спаре им ги врачи лиценците на првите дваесет водичи во планина од Македонија, кои се обучени според меѓународниот стандард International Mountain Leader.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија