Проект „Родители и деца” на ПСД Макпетрол

Со голема желба да се направи соодветен вовед и правилна едукација на најмладите во планинарењето, ПСД Макпетрол од овој октомври започнува со проектот наречен „Родители и деца”.

Родители и деца е иницијатива на ПСД Макпетрол која за првпат е организирана некаде 2013 година а главната цел е поттикнување на што повеќе деца и млади со бавење на спортовите во планина, поставување на правилна основа за едукација за планината, природата, екологијата и нашата земја. Иницијативата имаше неколку тури на различни локации, а оваа 2018 година, дел од младите водичи во клубот иницираа реактивирање на проектот.

На 6 октомври беше организирана тура на потегот од селото Горно Нерези до врвот Водно наменета за деца и млади која беше дополнително збогатена со повеќе интерактивни игри и разговори преку кои се учеа основите на планинарењето и правилниот пристап према планината. На турата децата се запознаа со правилниот начин на движење во планина, беше направено запознавање со мапа како еден од основните алатки за правилна ориентација и снаоѓање во природа, а дополнително се вметна и запознавање со екологијата и важноста на чувањето на природата.

На акцијата преку живописната есенска патека која минува низ Пензионерската колиба, 28 деца беа вметнати во едно реално планинско опкружување и во вистинска планинарска акција.

„Небрусениот дијамант нема вредност, создавајте здрави навики од млади години така станувате бесценети.” – изјави Јовица Апостоловски кој беше еден од групата на водичи на турата.

Водичи на оваа тура беа Ирена Диков, Љубица Матевска, Јовица Апостоловски , Андреја Јакимовски и Христифор Саракинов од ПСД Макпетрол. 

Идејата е проектот во иднина да се одржува скоро секој месец на различни локации како би се поттикнале што повеќе млади да започнат со планинарење.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија