Ретро мотивација

Приказната за босоногиот маратонски рекордер – Абебе Бикила

Додека сме во периодот на маратонската треска во доба кога сите ние сме опседнати со нашите „потреби” за којзнае каква опрема само за да отпочнеме со спортување, вредно е да се потсетиме на Абебе Бикила – Етиопјанецот кој успеа да постави светски олимписки рекорд во Рим трчајќи бос. 

Абебе Бикила израснал во Етиопија работејќи како овчар за подоцна да стане дел од обезбедувањето на кралот на Етиопија Хаиле Селасие. Тој започнал да спортува релативно касно во неговиот живот, на негови 24 години откако ги видел игрите во Мелбурн 1956 година. 

Во подоцнежните години тој започнува да тренира со националниот тим на Етиопија, но за ЛОИ во Рим 1960 година тој воопшто не ни бил на листата на избраници. Сепак, поради повреда на еден од неговите колеги тркачи Бикила влегува во тимот како замена. Арно ама, неговите патики за трчање веќе биле истрошени, а сите оние со кои располагал тимот не биле со соодветен број за Абебе. 

И покрај неуспехот да најде патики тој решава на маратонската трка да настапи бос. Во продолжетокот на топлото августско приквечерје во Рим, Абебе Бикила трчајќи испишува една од најважните лекции во спортот и животот. 

Тој финишира со тогаш рекордно време од 2:15:16 со што го руши најдоброто време на Емил Затопек и со тоа станува првиот африканец кој освојува златен медал на Олимпијада, а четири години подоцна, повторно освојува злато, овојпат со патики. 

Кога на финишот го прашале зошто трчал бос, тој одговорил: 

„Сакам светот да знае дека мојата земја Етиопија секогаш победувала со упорност и херојство”. 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија