Solis во соработка со SkiMacedonia, Outdoor Collective и поддршка од Амбасадата на САД во Скопје ви претставува

Премиера на Reel Rock во Скопје

Ова е прва година на претставување на традиционалната Reel Rock турнеја, со светски најдобрите и најгледани алпинистички филмови, во Скопје. 

Оваа година за првпат македонската публика ќе има можност да го проследи и деветтото продолжение на Reel Rock, кое го носи долго очекуваниот документарен филм ‘Valley Uprising’ (Бунтот во Долината) на американските филмаџии Питер Мортимер и Ник Росен.

Деветтата по ред Reel Rock филмска турнеја, што започнува на 11 септември и трае се` до јануари 2015 година, ги прикажува најдобрите филмови за алпинистичките авантури на публиката ширум светот. Така, оваа година, заедно со скоро сите поголеми градови низ светот, со поддршка од Амбасадата на САД и Скопје ќе ја има несекојдневната можност да ја гледа премиерата на најновото издание на Reel Rock во поднаслов “Valley Uprising – Yosemite’s Rock Climbing Revolution”.

Reel Rock проекциите се духовни настани каде алпинистите, авантуристите и љубителите на природата се здружуваат за да ја прослават и искусат сржта на авантуристичкиот филм. Дел од забавата на Reel Rock настаните секогаш се и различните презентации, доделување на награди, присуството на врвни алпинисти, кратки филмови и претставувања чии дел ќе го имаме и на овој настан. Така на скопското издание ќе има и претставување на гостите од Србија Оutdoor collective, кратки видеа од српската качувачка сцена, презентација за етика во качувањето под наслов “Не оставај трага”, проекција на видеото Commit to The Pact на Access Fund, интервју со Brady Robinson од Reel Rock Tour Белград, презентација на Александар Кирковски по повод 150 години од првото искачување на Матерхорн, изложба на оutdoor фотографии од репортажи на SkiMacedonia (Христијан Трајчевски, Тони Димитров) и уште многу други изненадувања.

Деветтото продолжение на Reel Rock филмската турнеја го вклучува и прикажувањето на долгометражниот документарен филм “Valley Uprising” (Бунтот во Долината), најзначајнатанераскажана приказна посветена на Американската контра-култура и алпинистите од Јосемитската долина. Во изминативе 50 години, пространите гребени на Јосемити долината ги поттикнаа истражувачите и авантуристите да го напуштат материјализмот и да им се препуштат на авантурите низ високите, пусти гранитни плочи. Епскиот карактер на Јосемити внесе „крајно боемски” стил на живот меѓу качувачите во долината, хранејќи се само со варени компири и црвено вино, судирајќи се со авторитетите од националниот парк и остварувајќи ги најсмелите алпинистички потфати на планетава.

Пренесувајќи го факелот низ три генерации алпинисти, преку ривалството, трагедиите и триумфите, уметноста на алпинизмот на Јосемити се разви над сите очекувања. “Valley Uprising” е незаборавна приказна за оваа смела традиција; половина век борба со законите на гравитацијата и законите на земјата.

Ова е приказна за создавањето на еден специфичен стил на живот, историја на развојот на еден значаен аспект од американската (контра)култура, поезија за една голема планина и елегија за подвигот на цела една генерација авантуристи. Ова е забавен филм на сериозна тема. Ова е филм кој не смеат да го пропуштат љубителите на природата и авантурата!

За Valley Uprising:

Во долината Јосемити, Калифорнија – местото на високи гранитни ѕидови и светски најпознатиот национален парк – се случува епска драма на ривалство, авантура и бунт во текот на изминатиот половина век. Се` започнува во Америка во доцните 1950-ти, кога битниците го затресоа комфорот на џез клубовите во Сан Франциско, додека друга група брадести млади луѓе се насочи кон планините во Сиера Невада кон тоа да ги прекршат правилата на нивен начин. Заменувајќи го комфорот на припадноста на средната класа со можноста да станат легенди, тие намислија да го сторат непоимливото: да ги искачат 3000 стапки високите, исправени ѕидови на Јосемити.

Valley Uprising е документарец што ја раскажува оваа извонредна приказна. Преку дигитално анимирани фотографии од архивите, спектакуларни филмски сцени од денешнината и минатото и интервјуа со великаните од Јосемити, Valley Uprising ја раскажува приказната за храбрите мажи и жени кои ги прекршија правилата и ги редефинираа границите на човековите можности во најлегендарниот национален парк во Америка.

За Reel Rock:Филмот Valley Uprising веќе се закити со Grand Prize наградата на Banff Mountain, еден од најзначајните филмски фестивали за планински филм.

Во 2013, Reel Rock се емитуваше на повеќе од 400 локации во светот, привлече повеќе од 100.000 публика, собра над 35.000$ за разни активистички цели, склучи партнерство со повеќе од 150 разни претставници, качувачки и болдер сали и забележа извонредна медиумска покриеност и пофални критики.