„Златен Цепин“ 2014

Познат составот на жирито на „Златен Цепин“

Организацијата на манифестацијата за доделување на наградите „Златен Цепин” го објавија составот на жирито.

 Уште претходно беше одлучено наградата „Валтер Бонати” за целосен допринос во развојот на алпинизмот да му биде врачена на американецот Џон Роскели.

 

Следува жирито кое ќе одлучува на “Златен цепин” 2014 година

Џорџ Лоу (George Lowe) САД: Роден е во 1944 година и со качување започнува на 18 годишна возраст во Калифорнија. За време на својата повеќе од 40-годишна кариера има качено насоки како „Носот” на Ел Капитан за еден ден во 1991 година со Алекс Лоу (Alex Lowe) и најпознатите насоки по Гренд Тетон, Маунт Хантер и Маунт Форакер. Најпознат е по својот обид за прво искачување на северниот гребен на Латок 1 (7145 m). Во 1978 со својот братучед Џеф Лоу (Jeff Lowe), Џим Донини (Jim Donini) и Мајкл Кенеди (Michael Kennedy) стигнуваат на околу 150 m од врвот. Оттогаш до денес, и покрај многубројните обиди, северниот гребен на Латок 1 останува неискачен.

Денис Урубко (Denis Urubko) Русија: Роден е во 1973 година во Невиномиск во Ставрополскиот дел на Русија, во Предкавказјето. До скоро беше граѓанин на Казахстан, каде беше и офицер на тамошната армија. Завршил новинарство на универзитетот во Алма Ата (Алмати). Со качување се занимава од 17 годишна возраст. Ги има искачено сите 14 врвови повисоки од 8000 m и во два наврати му е доделено признанието „Златен Цепин” (во 2009 и 2010 година).

Катрин Дестивел (Catherine Destivelle) Франција: родена е во 1960 година во Оран (Алжир) но од дете живее во Париз. На 13 години започнува да качува по карпите во Фонтенбло. Одредено време работи како физиотерапевт, но на 25 години започнува професионално да се бави со качување. Во 1980-тите поминува рекордни тежини во сува карпа и освојува многу успеси во спортското качување. Потоа се концентрира на повисоките планини. Прави соло-искачување на првенствена насока по западната стена на Пети Дру (за 11 дена во 1992 год.) и во еден ден ја поминува северната стена на Ајгер (во 1992 год.). Следат зимските соло-искачувања на Гранд Жорас (1993 год.) и Матерхорн (1994 год.)во највисоките палнини го има искачено западното ребро на Макалу (8481 m) и југозападната стена на Шишапангма (8013 m).

Ери де Лука (Erri de Luca) Италија: роден е во 1950 година во Неапол.Италијански писател, кој извесно време се има бавени и со политика. Пишува планинска тематика. Се занимава со качување, а во 2002 година стана првиот човек постар од 50 години кој успеал да качи насока со тешина 8b. Во 2005 ја придружуваше Нивес Мерој при експедицијата на Даулагири (8167 m) и тоа го има опишано во својата книга „По стапките на Нивес” („Sulla traccia di Nives”).

Лин Сунг Мук (Lin Sung Muk) Јужна Кореја: 45 годишен новинар, кој живее во Суел и работи за списанието „Луѓе и планини”. Активно се занимава со алпинизам, поконкретно во планините во Пакистан. Има поминато низа првенствени насоки, меѓу кои на Брак Занг (околу 4800 m) и Кхаче Брангсе (5560 m) во реонот на глечерот Нангма и Гхонборо (5500 m) во долината Аранду. Во дииот и ретко посетен масив Хиндураџ бил на Шикари (5928 m) и Мустум (5620 m). Ја има качено и претходни неискачената јужна стена на Сигунианг (6250 m) во Кина.

Карин Штајнбах Тарнуцер (Karin Steinbach Tarnutzer), Германија: писателка и новинарка, родена во 1966 година во Вирцбург, живее во Сен Гален, Швајцарија. Авторка е на биографиите на Петер Хабелер, Норберт Јоос, Инес Паперт и Герлинде Калтенбрунер, а со Каролин Финк ја имаат напишано монографијата за женски алпинизам „Erste am Seil: Pionierinnen in Fels und Eiss: Wenn Frauen in den Bergen ihren eigenen Weg gehen”. Често соработува со Алекс Хубер и Ули Штек. Се занимава со скијање и качување, и ги има качено Вајсхорн, гребенот Мителеги на Ајгер и тн.

Во најскоро време ќе биде објавен и проширениот список на алпинистичките достигувања кои се кандидираат за „Златен Цепин”, од кои само шест ќе бидат кандидирани за финалето.

Традиционално, градови домаќини ќе бидат Шамони и Курмајор, во француското и италијанското подножје на Мон Блан, од 26 – 29 март оваа година.