3П-ЧЕ 2019: П КАКО ПРОМЕНИ КОН ПОДОБРУВАЊЕ

Повторно изминати доживувања по трансверзалата од Пелагонија преку Порече до Патишка река

После четири изминати години од првото поминување на нашата зацртана трансверзала 3П-ЧЕ, која со минување пеш преку планините и долините ги поврзува трите котлински области чии имиња започнуваат на буквата П: Полог, Порече и Пелагонија, оваа пролет во последниот мајски викенд се решивме повторно да ја изодиме само овој пат во обратен правец почнувајќи од Прилепско, а завршувајќи во Гостиварско. 

 

Поведени од убавото поминување на овој подвиг првиот пат, но и желбата да се оддаде почест заради огромната ненадоместлива загуба на нашата прерано замината и сакана Калина Велевска, која беше дел од тоа прво поминување на 3П-ЧЕ по планините од Гостивар до Прилеп во 2015, уште во јануари се одлучивме оваа пролет повторно да го поминеме и изодиме овој подвиг. Плановите кои се зацртуваат се едно, условите во стварноста на терен се сосема друго, па не попусто постои народната изрека која овој пат повеќе пати си ја повторувавме: „Сметката дома и на пазар не излегува иста”, но сепак најважното од се е убавото поминување и уживање во секој миг и чекор поминат низ извонредните природни убавини на планините и секако успешното завршување на зададениот потфат со најмалку можни ризици и непогоди.

Па така, надоврзувајќи се на извештајот за првото поминување на трансверзалата 3П-ЧЕ со набројувањето што се означува буквата П овој пат додаваме и: П како промени, прилагодување, подобрување, прекрасно поминување по планините на масивот Мокра (меѓу кои и Перчулица)… Поминати планини, превои, преслапи, падини, пропасти, полиња, почнувајќи од Пелагонија, поминувајќи високо над Порече и при решавачката промена на правецот за движење случајноста да не ја наруши доследноста на 3П-ЧЕ па сепак крајот на оваа наша трансверзала да заврши во место чие име започнува на П – Патишка Река!

Петок во пет часот наутро, на денот на Сесловенските просветители тргнуваме од Костинци. Пелагонија ја огрева сонце, а ние движиме по рамнината со бујни житни ниви кон Зрзе и првата одредница обителот на Светото Преображение, место кое минатиот пат длабоко ни се врежа во душата и место кое особено го сакаше при секоја посета нашата Калина. Попатно ја гледаме падината на Даутица и си повторуваме за нашите планови за искачување и движење по нејзиниот срт и гледаме за некоја можност да се скрати и избие на планинскиот преслап Самобука кај изворите Студен Клајнец, но сепак остануваме на зацртаното да се искачиме на планинското било над манастирот и минувајќи крај пештерата Змејовица да се искачиме на врвот Мовнатец од каде ќе продолжиме со движење по сртот. По речиси два часа пешачење пристигнавме во манастирот кој беше огреан од сонцето, а ние решивме првата пауза да ја направиме тука, да запалиме некоја свеќа за здравје и желба за добар пат, да наполниме од убавата изворска вода и да се сликаме со специјално подготвените маици за овој поход на кои беше испечатена сликата на нашата Калина со една нејзина многу убава мисла посветена на планинарските трансверзали, кои најпрвин ти ја вадат маста, а потоа го вадат најдоброто од тебе.

Продолжуваме низ густата растителност од дабови и грмушки кои оросени од честите дождови не наводенуваа и освежуваа по рацете и нозете и достигнувајќи до една голина скршнавме кон десно во западен правец одејќи по стрмната падина нагоре која беше раззеленета и преплавена со жолти цвеќиња, а камењата на нејзе ни претставуваа како скалила за полесно искачување до планинското било. Пристигнувајќи на зарамнетото планинско било на Даутица продолживме по (од нас 2 години претходно) обележаната патека се до пештерата Змејовица и над неа до врвот Мовнатец, кои беа дел од најбројната и досега најмасовна остварена тура организирана во рамки на Планинарскиот предизвик „12 Врвови”. Прогнозите за променливо облачно време се покажуваа точни, бидејќи од исток до планинскиот срт постојано допираа облаци кои го обвиваа во магла и час го затскриваа и отвораа погледот кон протегањето на сртот. 

Пладнуваме на преслапот Самобука, а јас по сеќавање од бележењето на патеката од Крапа за Мовнатец на само 2-3 минути под преслапот меѓу големите дебели букови дрвја на работ на шумата го пронаоѓам Студен Клајнец, издашен извор на убава студена вода, од кој ги надополнуваме шишињата за понатаму. Продолжуваме со постепено искачување од 1490 до 1930 метри напуштајќи ги буковите шуми и ретките брези по гребените Старци и Клепало на голото планинско било по главниот срт на протегање на Даутица, а врвот Бел Камен кој е одвоен од главниот срт како огранка кон запад час е во облаци, час се расчистува, а облаците со првите дождовни капки доаѓаат кон нас. Првично зацртаните планови што ќе поминеме и искачиме и во кое време започнуваат да не се совпаѓаат со времето во кое се наоѓаме на предвидените места и врвови, а дождот засилува па мораме за прв пат да ги извадиме и кабаниците.

Поради различната брзина на движење почнуваме и да се развлекуваме и разделуваме и за прв (и последен!) пат на основа на различни проценки сите тројца се разделуваме во движењето: јас ја фаќам линијата по работ на сртот и го искачувам врвот Рендова Ливада (2057 м.), Љупчо кого за последен пат во далечината го здогледав на врвот Клепало (1945 м.) на 15 минути оддалеченост здогледал разгазено патче по изохипса на падината под сртот и се спуштил по него, а Андреја со кого се чувме по телефон проценувајќи дека ќе заштеди повеќе сили и време, слегол на работ до шумата и од таму движи кон преслапот спроти Бел Камен. Повторно доаѓаат облаци и по втор пат заврунува дожд заради кој мора пак да се извади кабаница. Погледнувајќи кон северозапад здогледувам јасна линија на пат по изохипса поради што слегувам од врвот Рендова Ливада и излегувам точно на него и движејќи се десетина минути низ облаци и дожд, забележувам и избледени маркации, за кои уште пред да тргнеме споменав дека можеби ќе ги забележиме заради тоа што тука минува трасата на Централната македонска „Илинденска” планинарска трансверзала. Пристигнувам на самото седло веднаш наспроти Бел Камен се слушам со Љупчо и Андреа и се договараме сите да се чекаме тука. По дваесетина минути пристигнува Љупчо со кого се довикувавме низ маглата, а откако се чувме со Андреа се решивме додека тој да дојде, ние да отидеме и да го искачиме врвот Бел Камен (2074 м.) без ранци. Планинскиот срт е половично обвиен во облаци, а половично го грее сонце, па користејќи ги апликациите со мапи преку одреден азимут ја определуваме и се движиме кон највисоката точка на овој голем грамаден гребен, чии падини кон север се прошарани со брезови, борови и букови шуми, а кон запад со стрмни карпести пресеци. Пристигнуваме на самиот врв, на чиј раб на исток се уште има облаци, а од запад силно го грее сонцето кое е на заода во ведрото небо. Правиме неколку слики, од кои малку подоцна и двајцата ќе забележиме една многу ретка појава – оптички феномен кој ќе не воодушеви и восхити до занемување, односно зракопривид (анг. Glory) кој се претставува како одблесок во виножито на сопствената сенка (силуета), откако на туку што изнаврната планина ќе огрее сонце, а од другата страна на врвот се уште стојат облаците и во нив се одблеснува твојата сенка како некоја божествена аура.

Полека враќајќи се кон седлото каде што ги оставивме ранците го здогледуваме Андреја во далечината со кого се довикуваме и договараме да се споиме и веќе да не се раздвојуваме се до крајната точка предвидена за преноќување бидејќи веќе дојде 18 часот. Пред нас го гледаме сртот на Мочур и врвот Старец, а зад него високо издигнатиот врв Даутица, позади кои според топографската карта се наоѓа бачило со извори кои ги предвидовме како место за преноќување. Продолжуваме со забрзано одење по козјите и овчите патеки низ смреките по сртот достигнувајќи до мочуриштето и локвата на Мочур, охрабрувајќи се меѓусебно со разни шеги, песни и досетки бидејќи почнува да се смрачува, а од облаците од запад започнува силно да врне и притоа го сокриваат врвот и сртот кој треба да го прекачиме. Правиме последни усилби за претстојното искачување на падината и сртот исправени пред нас, кога Андреја откако ѝ соопшти на сопругата дека наскоро ќе се сместуваме за преноќување не известува дека сосема случајно на крајот на погледот веднаш под сртот и на работ над шумата здогледува бачило! Паѓа одлука веднаш да одиме натаму, бидејќи сме натопени, а дождот започнува се посилно да врне. Пристигнуваме и се воодушевуваме од она што не очекува: соѕидано бачило на два ката, со фурна, исечени дрва, силен извор на вода со три шепурки, дури и три пара на папучи не чекаат на балконот (чардакот) пред влезот на бачилото! Пресреќни сме и си велиме: Калина и Господ се со нас и ни го приредуваат ова спасоносно задоволство на работ на ноќта и невремето кое покрај засилениот дожд се засили и со грмотевици. Палиме оган на кој ги сушиме мокрите чорапи и чевли, а седејќи крај огништето и тланикот се смееме со разни досетки, додека околу нас „истура” силен дожд и се надеваме дека за утрешниот ден ќе не послужи убаво време. Поставуваме шатор, без стреа на горниот кат и миговно потонуваме во сон.

По неколку сонливи погледнувања на часовникот и будилникот кој не заѕвони оти беше наместен за во работни денови, станавме на нозе и брзо се спакувавме, оставајќи нешто од конзервираните залихи како знак на огромна благодарност кон незајните домаќини на бачилото. Прекрасно ведро и сончево небо не заплиснува надвор, а откако наполнивме вода, со брз чекор веднаш се искачивме на сртот од каде директно „во чело” започнавме со искачување по јужната падина гребенот Одбиварник под врвот Даутица и преминувајќи преку снежните јазици излеговме на сртот висок 2102 и 2171 метар, од каде го здогледавме бачилото во кое првично мислевме да преноќуваме како и она што не очекува да го изодиме над Порече и по разгазено патче минувајќи зад Куртовица го пресековме обележаниот пат на трансверзалната патека од велешкото-азотско и мијачко Папрадиште до поречка брсјачка Белица каде видовме и маркација. Подзастануваме да направиме план за движење бидејќи на запад имаме спуштање кон карстно поле, а на исток одење по срт до Марина Дупка предвидена како највисока точка на целиот поход и Перчулица од каде треба да се спуштиме до Солунско Поле. Првичниот мој предлог да одиме полукружно по сртот кој е со просечна височина помеѓу 2100 и највисока до 2380 метри, не се прифаќа од моите другари поради изгледите дека имаме доста стрмна падина за искачување со товарот на нас, а зарамнетата висорамнина долу ни „ветува” полесно движење. Полека слегуваме преминувајќи преку снежен јазик до една пропаст со многу занимлив изглед крај која правиме неколку слики и продолжуваме кон изворот Чавкарник. По кој знае кој пат ни се потврдува изреката дека проценките (од око или современите алатки како Google Earth) се едно, а условите на теренот се сосема друго, па откако забележуваме дека работ на висорамнината завршува со значително многу стрмна падина во чии долови би заглавиле и би се нашле во опасност, започнуваме со искачување до седлото високо 1989 метри од каде го здогледуваме бучниот извор Чавкарник. Правиме неколку планови од каде да продолжиме по гребенот и да пресечеме уште неколку снежни јазици и притоа продолжуваме да се искачуваме, а под нас во долот изворот Чавкарник силно шуми и бучи исфрлајќи силен млаз на вода, речиси како гејзер. Пред нас се испречува Перчулица, а ние доаѓаме до една сурната пештера полна со снег и разронети камења, над чиј отвор се потпишале некои дамнешни посетители и воедно ја сликаме за да ја покажеме на нашите пријатели стручни и научни истражувачи. Пристигнуваме на кота со височина од 2314 метри и го здогледуваме седлото кое е највисоката точка, а тука правиме и една слика и брзо продолжуваме. Пред нас се отвора, најубавата глетка, која е како своевидна награда за височината која ја искачивме, а за која мора да признаеме и копнеевме: кон исток ни се отвора огромната Марина Дупка (или Марина Рупа) наизглед на „кратер” исполнет со снег, со пречник од речиси километар, а можеби и повеќе, и зад неа врвот Солунска Глава се уште прошаран со снег, додека кон запад долината на Порече со безброј планински гребени и шумовити огранки огреани од сонцето. Правиме пауза при што и се сликаме со специјално испечатените маици за овој поход со ликот и мислата на нашата драга Калина и секако со знамињата чии симболи и бои нам многу ни значат и продолжуваме по изохипса до работ на Марина Дупка на кота од 2318 метри од кој започнува многу стрмна падина и спуштање од 300 метри до карстното Солунско Поле. 

Полека и внимателно се спуштаме по стрмната падина исшарана со снежни јазици, а под еден од нив забележувам изворче од кое непрестајно тече млаз вода „снеговница” од растопениот снег од која ги надополнувам шишињата. Пристигнувајќи на Солунско Поле правиме пауза за починка каде јас ја запејувам „Излези момче” бидејќи се наоѓаме на ова Солунско Поле, кое навистина е наше, а од позадината имам пратечки вокали од Андреја додека сето тоа се овековечува од Љупчо кој снима. Претходно бевме забележале патека по изохипса по која започнуваме со брзо одење и лесни чекори да одиме во северозападен правец се до седлото на преслапот висок 2084 метри кој ги поврзува врвовите Иванов Камен (2108 м.) на запад и главниот срт на протегање на Караџица со врвот Попово Брдо (2380 м.) на исток. Потрчнувајќи го искачувам врвот Иванов Камен додека на преслапот ме чекаат Љупчо и Андреја по што брзо им се придружувам и продолжуваме со слегување и искачување на еден мал дол, од кој преку планинското било доаѓаме до долот Завој на самиот раб над пространата висорамнина прошарана со борови дрвја заради што е и наречена Боро Поле од каде ја здголедуваме Сугаре Пештера, точката од која се испушта огранка на запад во Порече и од која ние конечно треба да скршнеме и свртиме во западен правец и одејќи десетици километри по сртот на неколку огранки обраснати со шума да се спуштиме до брегот на езерото Козјак кај мостот наспроти Близанско, каде планираме да преноќиме. Прекрасната глетка на Боро Поле е пред нас, а јас наоѓајќи погоден терен за симнување по стрмната падина меѓу боровите дрвја одам прв постојано со мислите за претстојното скршнување кај Сугаре Пештера, по кое ќе ја напуштиме Караџица и Мокра и сосема ќе ни се измени теренот, а истовремено ќе имаме и движење низ многу див тешко прооден предел дополнително отежнат со намалената видливост како што ќе се смрачува и големото растојание во километри кое го имаме до Козјак. Поминуваме низ тревнатото Боро Поле и бројните борови, а јас се одвојувам со забрзан чекор и пристигнувам до карпестата провалија кај Сугаре Пештера каде забележувам глетка од едно многу ретко и интересно зимзелено дрво кое со своето дебело стебло штрчи на работ на карпата над провалијата, налик на оние ариши, секвои и баобаби во тропските и егзотични предели. 

Правам неколу слики од ова големо дрво кое штрчи на работ на карпата и провалијата и глетката од многуте стрмни долови и планински гребени зад него и чекам да дојдат Љупчо и Андреја, со кои забележуваме дека оваа провалија е тешко проодна и се соочуваме со неможност да продолжиме по зацртаниот правец за движење. По довикувањата и слушањето на телефон каде ги известувам за изгледите за продолжување пред нас, доаѓаат и тие, а јас ги замолувам да ме почекаат да пробам без ранец да го симнам стрмниот карпест пресек со наклон од скоро 50-60 степени. Пробувам и се спуштам неколку метри и гледам дека тој е краток и би го поминале доколку си ги подадеме со фрлање ранците, но околината е доста сурова, пред нас е срт обраснат со шума, а околу него стрмни провалии во долината на реката Оча во рамки на зашитеното (забрането) подрачје на природниот резерват „Јасен” во должина од повеќе од 30 километри без знаци на никаква цивилизација, а и слабите знаци на цивлизација на одамна раселените поречки села Тажево и Брезница се на повеќе од 3 – 3,5 часа пешачење. Проценуваме и со демократско гласање носиме разумна одлука дека не може да го продолжиме движењето по зацртаниот правец поради опасностите кои се испречуваат, а бидејќи часот е речиси петнаесет минути до 18, јас изнесувам дека единствената можност ни е да преноќиме на Боро Поле и да го промениме правецот на движење кон север и североисток и откако ќе го прекачиме планинскиот гребен на Велешка Рупа и Миленков Камен да се спуштиме и завршиме во Патишка Река. Прифаќањето е едногласно и проследено со зачудување но и задоволство со доза на шега дека за волја на поривот и атер на првичната замислена идеа, планините не оставаат на случајност па и во овој случај ќе останеме доследни и ќе ги запазиме трите П во името на оваа трансверзала 3П-ЧЕ со тоа што и покрај промената ќе ја завршиме во место чие што име започнува на буквата П: Патишка Река. Преноќивме во една вртача каде имаше остатоци од некоја градба на некаква шумска или ловечка куќа и никакви извори на вода, а пред да пристигнеме, на едно место меѓу боровите и смреките ни се испречи зајак, ист како оние од сликовниците за деца.

Поради тоа што легнавме доста рано уште пред да се стемни, се разбудивме прилично рано дочекувајќи уште едно блескаво ведро и сончево утро, овој пат на убавото Боро Поле високо на Караџица. При првите чекори низ тревнатата рамнина меѓу боровите дрвја на Боро Поле јас забележав јасно видлива патека по падината која постепено се искачуваше до сртот по која веднаш започнавме да се искачуваме нагоре. Пристигнувајќи непосредно под сртот малку подзастанавме да се восхитиме на прекрасната утринска глетка: пред нас Боро Поле и Порече со Добра Вода и Сува Гора се будат облеани од сончевите зраци, зад нив во далеку на видикот во далечина кон југозапад се гледа Пелистер со Скрково, Муса и Голема Грива кои ни беа предвидени за искачување следниот викенд, а на запад и северозапад се гледа величествена глетка на Шар Планина каде јасно може да се забележи дека Титов Врв е највисок и повисок од соседните Бакардан и Мал Турчин како и од Бориславец, Рудока, Враца, Кобилица и Љуботен кои прошарани со снег ги гледавме со восхит пред нас и во шега си велевме дали ќе може да ги забележиме неколкуте стотини планинари кои тоа утро се искачуваа на традиционалниот марш на Титов Врв. Пред самиот срт здогледавме и стадо на диви кози кои малку подзастанаа, а потоа со забрзано трчање „скокнаа” преку падината во она што нас ни изгледаше како провалија. Правиме пауза која ја искористуваме за сликање бидејќи пред нас се отвора прекрасна глетка на пространата и голема Велешка Дупка со врвовите Миленков Камен и Мирска Вода во позадина. Понесен од желба да ги искачам овие врвови се договарам со Љупчо и Андреја јас да побрзам пред нив и да го оставам ранецот со едното шише вода на подножјето под врвот каде тие бие појадувале и би ме чекале. Почнав со забрзано искачување кон Миленков Камен, но во еден момент се сепнав и си реков дека многу време би требале да ме чекаат, а не би било во ред на самиот крај толку да се развлекуваме па по околи 400-500 изминати метри решив да се вратам назад и да ги почекам, па заедно да продолжиме со спуштање кон Патишка Река. Повторно промена, но и повторно кон подобрување и зачувување на единството на движење на групата. Појадуваме на северниот раб на Велешка Дупка над стрмната долина на Патишка каде Љупчо на своето радио фаќа бранови и програма на домашни и странски соседни радија, а пред нас ги гледаме и Водно со крстот и Скопска Црна Гора. Продолжуваме во источен правец и се искачуваме до планинско седло високо 2056 метри од каде ни се отвора погледот и ги здогледуваме Остри Врв, Убава и највисокиот врв Караџица, како и двете бачила од каде патеката веќе се спушта во шумите и долот на Патишка Река. 

 Поминуваме низ падина со смреки и снежни јазици, а во далечината наслушнуваме гласови и зголедуваме група на луѓе (со знаме) која се движи кон Остри Врв. Побрзуваме и преку еден снежен јазик се приближуваме и забележуваме дека тоа се нашите пријатели Ѓорѓи, Веле и уште десетина од ПД „Скопска Црна Гора” кое ова убаво неделно утро се решиле да го искачат Остри Врв. По убавиот разговор се поздравивме и продолживме во северен правец по билото до самиот раб на стрмниот дол и почетокот на преубавите густи, но за жал во последно време и многу исечени и опустошени шуми над Патишка Река. Пред да навлеземе во шумата и стрмниот дол, Андреја се слушна и се договори со нашиот ценет пријател Дарко да дојде со своето возило за да не земе од Патишка Река. Последната делница од неколку километри беше пред нас, времето прилично убаво и рано претпладне, па се решивме со побавен чекор да уживаме спуштајќи се низ шумата и глеткита на оваа налик алпска долина. По каменливата патека се спуштивм до дното на долот каде наидовме на една чешма со многу силен млаз на вода, веројатно од преполниот извор од снеговите кои се топат и дождовите кои често врнеа овој периодот, при што покрај паузата каде со Андреја споделувавме ретко познати податоци за природата и пчеларството, Љупчо го искористи да направи една уметничка снимка од силниот млаз на вода кој бликаше од шепурката. Последните метри се пред нас, не осеќаме речиси никаков замор, а од убавата глетка на полноводната Патишка Река и разбуената зелена растителност на природата без да забележиме пристигнуваме до првите куќи на селото. Последната точка ни е ширината пред влезот на селото недалеку од џамијата, каде ги оставаме ранците, а поради тоа што современите направи мерат според пресметки врз основа на некои формули и алгоритми заради што се случува да даваат различни бројки и показатели, со Љупчо продолжуваме без ранците уште стотина метри за да се заокружи полна бројка за изминатата километража на неговата апликација за мерење. Презадоволни од изминатите патешествија по овие преубави планини, правиме слика на последната точка пред Патишка Река и го пречекуваме Дарко, а патем ја објавуваме сликата со шеговит опис за нејзината содржина, но со срца и душа преполни од ова неверојатно убаво доживување.

ОПШТИ  ПОДАТОЦИ:

Вкупно изминато растојание: 68,6 км (А) / 60 км (Љ)

Делници: ДЕН 1: Костинци – Мочур – 29,58 км

                  ДЕН 2: Мочур – Боро Поле – 21,58 км

                  ДЕН 3: Боро Поле – Патишка Река – 17,49 км

Вкупно искачување висинска разлика: 3246 м 

Почетна точка: Костинци (627 мнв)

Највисока точка: Марина Дупка (2355 мнв)

Крајна точка: Патишка Река (956 мнв)