МОК ВО ПОДДРШКА НА КИКБОКСОТ – МОЖЕН ОЛИМПИСКИ СПОРТ ВО 2024

Потпишан договор за соработка меѓу Кикбоксинг Федерациите на Македонија и Турција

Во просториите на Македонскиот олимписки комитет, се одржа официјална средба на која присуствуваа претседателите на Македонската и на Турската Кикбоксинг Федерација, г-ѓа Александра Неделковска и г-динот Салим Кајиџи, селекторот на македонската кикбоксинг репрезентација Дејан Митровски како и претставниците на МОК, генералниот секретар на МОК, д-р Сашо Поповски и спортскиот директор на МОК, Владимир Богоевски. Г-динот Салим Кајиџи ги пренесе до МОК поздравите од претседателот на Турскиот олимписки комитет и ја истакна извонредната соработка помеѓу двата братски олимписки комитети.

Во оваа прилика претставниците од МОК ја истакнаа поддршката која несебично ја дават во насока на поддршка на кикбоксингот да се најде на листата на Олимписки спортови во 2024 година, но и поддршката која МОК ја дава на градот Истанбул, во неговиот шестти обид, да стане домаќин на Олимписките игри.
Мора да се истакне и донацијата која претседателот на Македонската Кикбоксинг Федерација, г-ѓа Александра Неделковска ја обезбеди преку своите турски пријатели, а на крајот на оваа средба, беше потпишан и договор за соработка меѓу Македонската и Турската Кикбоксинг Федерација.
Двајцата претседатели, Александра Неделковска и Салим Кајиџи заедно ќе го проследат и 5-тиот Меморијален турнир “Љупчо Неделковски”, на кој учество ќе земат најдобрите кикбоксери од Македонија, Турција и Србија.