Победници во сите категории на Ехо 2014

Одекна и петтото ЕХО во една исклучително интересна и богата недела, а ние ви го претставуваме исходот на најдобрите филмови во сите категории. 

Оваа година на фестивалот на планинскиот филм Ехо тричленото жири составено од Влатко Галевски, Борјан Зафировски и Игор Анѓелков од сите прикажани филмови одбра победници во неколку категории.

Во продолжение следат трејлерите за истите и краткото образложение на жири комисијата

Долгометражен филм: „NORDFOR SOLA”

Како зимска верзија на приказните за Робинзон Крусо и Плава Лагуна. Можеби тематски (што се однесува до планините) нетипичен планински филм, но со нагласена еколошка димензија и со проточна наративна структура .Вредноста на овој филм е тоа што авантурата ја толкува како цел а не како неизвесност. Одличната визуелно-музичка спрега и синергија овозможуваат вистинско уживање на гледачите.


 

Среднометражен филм: „КОН ВРВОТ”

Поради влијанието на филмот во насока на едукација, поради речиси историското значење за качувањето на овие простори, поради благородната, суптилна и непретенциозна филмска стилизација. Филмска приказна раскажана од луѓе за кои љубопитноста се трансформира во љубов и страст. Значајно филмско остварување во секој поглед.

 

 

 

 

 

 


Краток филм: „COLD”

Храбро, вистинско, искрено. Искажано со музички речник, филмот е минијатура за човекот, фуга за издржливоста и реквием за предизвикот. Или, збирно, филмот е опера за природата како креација на хаосот.


Специјална награда од жирито: „BLIND TRUST”

Филмот ги содржи елементарните атрибути на документаристиката, од најавната до одјавната шпица. Негувајќи ја хуманистичката димензија на приказната, филмот, на топол и сензитивен начин го нагласува другарството, упорноста и несебичноста во нивните величествени форми. Супериорна режисерска постапка и извонредно профилирани ликови на обичните луѓе кои стануваат херои… речиси невидливи, но присутни. Филм за животот како едноставна но величествена креација.


 

Покрај повеќето признанија за најдобри филмови во одделните категории, на овогодинашното ЕХО 2014 имавме можност да погледнеме и дела на наши луѓе во конкурсот за најдобро аматерско видео, па беше одбран и пиедесталот за истото.

Прво место – Љубох на Игор Јовановски


Второ место – Амплитуда на Гоце Таневски


Трето место – This is what we do на Александар Старделов и Иван Јакимовски

https://www.youtube.com/watch?v=BIeSyWh9Vys

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија