По 123 години, Триглав останува без Аљажев столб

Имајќи предвид дека столбот на највисокиот врв во Словенија, поставен од свештеникот Јакоб Аљаж уште во 1895 година претставува многу повеќе од само обичен заслон, туку има длабока национална симболика, секако дека неговото поместување е само привремено, за да се овозможи истиот да стои уште најмалку 123 години. 

Триглавскиот столб или таканаречен Аљажев столб претставува метален планинарски заслон во Јулиските Алпи, поставен на највисокиот словенечки врв Триглав 2864 м.н.в уште во 1895 година од страна на локалниот свештеник Јакоб Аљаж од селото Довје. 

Сепак, неговото поставување во тоа време има друго, многу посуштествено значење кое во понатамошната историја, триглавскиот столб го прави национален симбол на Словенија. Имено, примарната цел поради која Јакоб го дизајнира и со сопствени сили и знаење успева да го постави столбот е желбата да го означи и заштити овој планински венец од страна на надворешните окупатори. 

Најпрво тој прави нацрт за столбот, потоа со сопствени средства го купува врвот како приватно земјиште од општината со што се стекнува со право на градба, го најмува Антон Белец од Љубљана кој го прави столбот, а потоа заедно со четири други работници тие ги носат деловите на врвот и на 7 август 1895 го поставуваат столбот. 

Аљаж потоа го донира столбот на Словенското Планинарско Друштво, а за проектот изјавува дека тоа го прави „По свој план, на свој трошок, за општа корист”. Столбот и словенечките планините се национални симболи кои длабоко и неизмерно се почитуваат. 

На 7 септември оваа година, 123 години од неговото поставување, 300 килограми тешкиот столб беше отстранет од страна на одговорните лица за реставрација на истиот по што ќе следи повторно поставување. Во април 2018, пак, Словенија прослави 240 години од првото забележани искачување на врвот од страна на рударите Лука Корошец и Матија Кос, ловецот на дивокози Штефан Рожич, и човекот што лекувал рани, Ловренц Виломитзер, a по иницијатива на баронот Жига Зоис.

Првото женско искачување на овој врв е направено во 1870 година од дваесетгодишната Розалија Шкантар.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија