Пластикмен 2 – спортско качување за поубава Нова Година

На наше огромно задоволство и оваа година на репертоарот на спортските настани во календарот стои предновогодишниот натпревар во спортско качување Пластикмен 2 на кој што може да земе учество кој има желба да се проба во болдеринг без разлика дали воопшто нема пробано или редовно тренира. Па затоа запишете си во вашите потсетници и не пропуштајте да бидете дел…

Пластикмен 2 е болдеринг натпревар од отворен тип на кој што може да учествува секој, без разлика дали веќе активно се бави со спортското качување или немал никаква допирна точка со истиот т.е. има желба за запознавање со спортот. Настанот е во организација на спортско качувачкиот клуб Вардар од Скопје, се одржува втора година по ред а во план е истиот да помине во убава предновогодишна традиција.

Минатата година натпреварот беше во форма на маскенбал со тематика 80-тите години каде што сите учесници беа на некоја начин дотерани во тој стил, а оваа година за исто такво позитивно дружење учесниците треба да носат дедо-мразовски капи.

Натпреварот ќе се одржи во сабота 20.12.2014 на вештачката карпа во С.Ц. Борис Трајковски и ќе биде поделен на два дела, рекреативен и за спортски качувачи а целиот настан ќе биде во форма на болдер маратон каде што натпреварувачите во даден временски период ќе имаат можност да се пробаат во решавање на повеќе различни болдер проблеми.

Во разговор со Димитар Попов, еден од организаторите, во иднина целата манифестација е во план да го задржи неформалниот и забавен карактер за полесно приближување на спортот кон широката популација т.е. ќе се задржи отворениот тип каде секој ќе може да се запознае со спортското качување.

Исто така, тој надополнува дека интерес помеѓу луѓето за спортското качување е се` голем и потребно е соодветно запознавање на граѓаните со самиот спорт, но и со можностите и веќе постоечките локалитети за практикување на истиот и натпреварите од ваков тип кои се во организација на МСКФ.

После натпреварот, настанот се префрла во кафе „Браво“ каде што ќе следи прогласување на победниците и културно-забавен дел со презентација на филмот „Кон врвот“ кој разработува тематика од спортското качување во Македонија, презентација на неколку качувачки патувања на наши спортисти и промоција на досегашни видео репортажи на karas4training.com во врска со спортското качување.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија