Fit Camp и планинарење на Плачковица

Планински FIT Camp и прошетка на Вртешка

Изминатиот викенд група планинари и поддржувачи на здрав и активен начин на живот се упатија кон планинарскиот дом Вртешка да го искористат преубавото време за прошетка по Плачковичките падини и поагресивно топење масти преку вежбање.

Саботата наутро тргнавме од Скопје кон Вртешка. Договорот беше сите коли да се чекаме на бензинската на излез од Скопје кај ЕТУЦ, но чекајќи ги останатите, една од колите веќе беше на бензинската пред првата патарина Скопје – Велес, и знаејќи дека секоја тура ако уште на старт започне вака, ќе биде добра тура. 

На крај се собравме, и возевме кон Вртешка со 100-ка, море 120-јсе. :)) По 2 часа стигнавме на 1107 метри надморска висина, односно пред ПД Вртешка. Домарот Дуле со радост не пречека, ни посака убав викенд, и дека ни стои на располагање за се. Ѕверка од чоек.

Накратко јадевме по некоја тестенина за енергија, и веднаш се упативме во истражување на Плачковичките шуми. Пределот по кој движевме на лето е сосема различен од тој кога јас сум го поминувал на зима со снег до колена, што дури знаејќи ја патеката, на моменти знае да те збуни. Но како и да е и на лето и на зима Плачковица е прекрасна.

По 2 часа пешачење се вративме во домот и не чекаше чорба приготвена од домарот која добро ни легна, за после тоа да се освежиме со по еден Termojetics чај, за некоја вишок маст од чорбата веднаш да се стопи. 🙂

Како и секоја година традиционално на Петровден во домот Вртешка организираат забава на која се собираат голем број луѓе, и ние како вредни и неуморни се понудивме за помош околу поставување на маси, клупи и сл. Многу весели и поднапиени фаци на забавата, некој се журкаше со бендот, а мал дел гледаа и фудбал од СП во Бразил, меч за трето место Холандија – Бразил. 

Утредента алармот не разбуди во 7 часот, со време да го фатиме денот, да се подготвиме за утринскиот FIT Camp. Најпрво се освеживме со Termojetics чај, за расонување и енергија, испивме по еден шејк и се фрливме на загревање на мускули, и интензивен тренинг. А како и после секој тренинг, обавезно уште еден шејк за регенерација и олабавување на мускули. За да „утепаме“ некој час до главниот ручек, отидовме на прошетка овој пат на сосема друга страна на планината, немавме одредена цел, но ете целта на крај беше ДРВОТО со неговата специфична форма. 

Откако се вративме сите се фатија за работа, кој подготвуваше салати, кој ја подготвуваше скарата. Испрживме куп пилешки стек и печурки со кашкавалче, а прилог ни беше грашок со пченка. Ма прекраснотии!!! Прсти да лижеш, за после тоа една вкусна и блага лубеница да не испере од внатре. Е тука веќе на нашата тура и се ближеше крајот, се спакувавме набрзина, се поздравивме со Дуле и останатиот тим „домари“, и си го фативме патот за Скопје.

За поубав впечаток од целата тура… клик „плеј“ на видеото подолу…