Наслов

Планините победија на Баркли 2015

Ниеден од 40те пријавени тркачи не успеа да го заврши овогодинашниот Баркли ултрамаратон. Нека не ве чуди ова, во скоро 30 години овој маратон го имаат завршено само 14 натпреварувачи. Оваа година, планините победија. 

Планинските ултрамаратони Баркли се годишни настани кои се одржуваат во Тенеси, САД. Постојат два маратони, 100 милји т.е. 160 км, главната трка и една од 60 милји (97 км) која тие ја викаат „фан ран”, трка за шега :). 

Големиот маратон се смета за најтешкиот на светот бидејќи покрај големата дистанца, тој е зачинет со огромна денивелација (цирка 16,500 метри висински качување и симнување), но да не биде само тоа, натпреварувачите треба да го минат скоро целосно самоодржливо т.е. има само две освежителни станици со вода и може да се користи својата паркирана кола на почетокот од кругот како остава за дополнителни средства. 

Маратонот се состои од 5 круга низ планините долги 32 километри, а временскиот лимит е 60 часа т.е. во просек по 12 часа за круг. Досега истиот го имаат завршено само 14 луѓе, а оваа година никој не успеа да заврши во границите на лимитот (минатата успеал само еден). Сите што завршиле, завршиле во границите на 50 до 60 часа, никој порано. Ниедна жена нема завршено. 

Интересно е тоа што контролните точки на маратонот се составени од книги од кои натпреварувачот треба да ја искине страницата со бројот што соодветствува со неговиот биб-број како доказ дека ги поминал контролните. Стартот се означува со палење на цигара. 

Повеќе за маратонот Баркли можете да погледнете овој месец на фестивалот за трчање „Луѓе како нас” во кино Фросина, МКЦ каде ќе биде прикажано краткото филмче за овој интересен настан. 

01 Април 2015

За авторот