Планинарски прикаски

Наслов

Планинарски дом „Папрадиште“ на дланка

Се погоди идеален есенски ден за тимот на K4T.MK квалитетно искористен на планина, на чист воздух и опкружување што го прочистува телото и духот со својата убавина и живописност.

Планинарскиот дом „Папрадиште" (970 мнв) се наоѓа на планината Јакупица. Реконструиран, реновиран и преадаптиран е во 2005 година со пари од Светската Банка и мал консултантски удел и медијаторство на Министерството за култура. Претходно беше напуштено, полу распаднато старо училиште од кое последниот ученик замина 1972 година. Со домот стопанисува Еколошката Групација Грин Пауер.

Располага со 5 спални соби и капацитет од 35 кревети, две трпезарии, една кујна, тоалети и туш кабина. Домот го има задржано стариот архитектонски изглед и надворешно совршено одговара на изгледот на некогашното училиште. Постојано работи од април до септември, а во останатите месеци само преку викенд или со претходна најава. Чајот е бесплатен за сите, а исто така и водичките услуги (барем засега). По потреба и по претходен договор домот нуди и пансионски услуги.

Инаку од домот водат неколку маркирани планинарски патеки до соседните планинарски домови Чеплес, Стровија (Прилепско), до врвот Солунска глава (две исклучително добро маркирани планинарски патеки), до соседните села Нежилово и Ореше (манастир) и до соседните општини Прилеп, Скопје и Македонски Брод.

Селото Папрадиште се наоѓа на 53 километри одалеченост од Велес, до каде има асфалтиран пат. Инаку до домот може да се дојде со автомобил или пак со воз до селото Ореше, а потоа од железничката станица „Ореше" да се продолжи пеш по основната патека долга 5,5 километри.

Ние со автомобил се упативме од Скопје кон Велес, а оттаму се исклучивме на патот кон селото Богомила. Штом излеговме од градот, нè пресретна природата... реката Бабуна ни го покажуваше патот... Во Богомила попатно ја видовме спомен куќата на Петар Поп Арсов, интересниот Римскиот мост и си земавме нешто за јадење и пиење од локалната коперација.

И конечно, после многу кривини и зеленило се појави мијачкото село со богат историјат Папрадиште, а со него и истоимениот планинарски дом. Го причекавме домарот Трајко кој беше многу гостопримлив и ни овозможи да документираме сè што ни беше потребно. По прошетката до планинарскиот дом „Чеплес”, се вративме во Папрадиште каде планинарите што решиле да преноќат на ова прекрасно место веќе си правеа вечерно ѓезме.

Ако сакате да си преспиете во овој дом, цената за една ноќ изнесува 200 денари, а за секоја наредна ноќ е 150 денари. За поголеми групи можни се и попусти.

Доколку сте заинтересирани можете да си резервирате кревет на телефоните 075 757 297 и 075 361 877.

Други Планинарски Прикаски.

22 Ноември 2013

За авторот