Пјонгчанг е спремен за почеток на Олимписките игри

Целиот свет со нетрпение го очекува стартот на XXIII Зимски Олимписки Игри. На еден месец пред официјалниот почеток се чини дека ПјонгЧанг е далеку од гламурот на Сочи, но тоа не значи дека не е уникатен во многу нешта.

Зимските Олимски Игри во ПјонгЧанг ќе започнат на 9 февруари и ќе траат се до 25 февруари. Ова се први ЗОИ на кои Јужна Кореја е домаќин, но таа исто така е и само втора азиска земја (по Јапонија) која организирала и летни Олимписки игри (Сеул 1988) и зимски Олимписки игри. Би требало да се спомене и дека ова беше трета кандидатура на ПјонгЧанг откако за игрите во 2010 година загуби од Ванкувер за само два гласа, а во 2014 од Сочи за вкупно четири гласови.

ПјонгЧанг се наоѓа на само стотина километри од демилитаризираната зона со Северна Кореја. Се чини дека покрај безбедносниот аспект, скромната логистика со овој дел на Кореја е еден од најголемите проблеми со кои се соочија организаторите. Овој крај на Јужна Кореја се до игрите бил прилично изолиран и без модерна инфраструктура која би ги задоволила стандардите за одржување на Олимписки Игри.

Затоа, организаторите решиле за потребите на игрите да направат комплетно нова железничка линија помеѓу Сеул и ПјонгЧанг со што значително е олеснето патувањето до олимпискиот комплекс, односно истото ќе трае нешто помалку од два часа. Ова е само уште еден доказ за тоа колку се масивни и скапи за организирање Олимпсиките игри.

Проектираниот буџет за игрите изнесува 10 милијарди долари, што иако изгледа како огромна сума сепак е речиси пет пати помалку од вкупните трошоци во Сочи кои беа нешто над 50 милијарди и беа најскапи игри на сите времиња.

Што се однесува до спортскиот дел, на XXIII Зимски Олимписки Игри ќе учествуваат 89 тимови (88 држави плус учесниците од Русија кои треба да настапат како индивидуалци по забраната за учество) во 102 натпреварувања во 15 различни дисциплини. На игрите ќе бидат претставени и четири нови дисциплини и тоа:

  • биг ер сноуборд како замена за паралел слалом
  • мешани двојки во карлинг
  • брзо лизгање-масовен старт
  • мешани тимови во алпско скијање

Натпреварувањата ќе се одржуваат на 13 локации (борилишта) од кои шест се комплетно нови а останатите се целосно реновирани во пресрет на игрите. Би требало да се истакне и дека спортовите на затворено како: хокеј, брзо лизгање, карлинг и уметничко лизгање ќе се одржат во соседното градче Гангнеунг.

Ќе бидат доделени рекореден број на медали и ќе бидат игри со најширока медиумска покрiеност на светско ниво во историјата.

Маскоти на игрите ќе бидат Шохоранг (бел тигар) и Бандаби (азиска црна мечка).
ПјонгЧанг ќе биде домаќин и на параолимписките игри кои ќе се одржат 9-18 Март истава година.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија