Патрик Ланге со светска титула и невеста дома
На Светското првентство во дисциплината Aјронмен кое викендов се одржа во Кона- Хаваи, одново доминираше невројатниот Патрик Ланге.
Германецот Патрик Ланге е староновиот шампион во дисциплината Aјронмен. Оваа брутално тешка трка на издржливост која важи за апсолутно најтешка тој успеа да ја заврши за време од 07:52:39 часа. Со тоа тој стана и првиот учесник во историјата на ова натпреварување кој патеката во Кона успеал да ја комплетира под осум часа.
Гледано по сегменти трката на Ланге изгледаше вака. Пливачкиот дел од 3,86 км тој го заврши за 50:37 минути, велосипедската патека долга 180,25км за комплетираше за 04:16:05 часа и на крајот тркачкиот дел, односно, маратонот од 42,2км го финишираше за време од 02:41:32 часа. Вкупното време на Ланге е подобро од претходниот рекорд на патеката кој исто така беше во негова сопственост и изнесуваше 08:01:40 часа. На финишот тој ја запроси својата девојка.
Подиумот во машка конкуренција го надополнија Барт Аернотс од Белгија со време 07:56:09 часа и третопласираниот Британец Давид МекНами со 08:01:09 часа, со овие свои постигнувања тие исто така беа побрзи од стариот рекорд на патеката.
Во женска конкуренција Швајцарката Даниела Риф која финишираше со вкупно време од 08:26:16 го збриша сопствениот рекорд и рекордот на оваа патека за за цели 20 минути и 30 секунди. Со тоа таа е првата жена која успеала дури четири пати да триумфира на светското првенство и тоа со четири триумфи во низа. Таа пливаше за време од 57:26 минути, велосипедскиот дел го мина за 04:26:07 часа а маратонот го претрча за 02:57:05 часа.
На второто место се најде Луси Чарлс со Британија со време од 08:36:34 часа, додека пак на третото место се пласираше Германката Ане Хог со резултат 08:41:58 часа. Со тоа и женскиот подиум беше убедливо побрз од претходниот рекорд на патеката со сопственост токму на Даниела Риф.