Сликиците Панини се лепат за душа – Интервју со Владимир Трајковски

Во пресрет на Бразил 2014 и целата еуфорија околу фудбалот решивме да смениме објектив и да ѕирнеме од перспектива на еден колекционер на албуми Панини и вљубеник во фудбалот по име Владимир Трајковски а.к.а Popaye Crust.

Попај како што пријателите го викаат, е чаирско чедо од фамилија везачи по занат, уметничка душа, пишува хип хоп стихови (има и две три траки), редовно вежба гради, бицепс и рамо, навива за Вардар и Милан и успут си ужива во собирањето албуми на Панини веќе подолго време. Затоа муабетот си беше лабав, онака колекционерски….

Прв контакт со албумите на Панини

Сè започна сега веќе далечната 1990 година со Светското првенство во Италија. Почна како детска игра, занимација пред сè, за сега веќе да делува како „лексилиум” кога ги лепам сликичките и го разгледувам албумот.

Гаење на генетскиот модел колекционер

Страста кон фубдалот како спорт и сè поврзано околу него, дефинитивно се главните работи кои направија константно, без никаков престан да бидам фокусиран на целава работа, а Светското Првенство како некој врв на достигнување во фудбалот секако е вреден да се одбележи, па затоа се тука албумите, кои на некој начин се алманах на настанот, годината итн. Како колекционер на сликички не пропуштам Светско Првенство, додека Европските нажалост најмогу поради финансиски причини ги немам сите во колекција. Тоа е и главната причина што да речеме на некојси меѓународен план сум послаб и не толку конкурентен колекционер. Сепак за наши услови и наш стандард мислам дека сум добар и добро се држам.

 

Иам – Неам, исчекувањето на последната сликичка, тапкањето и слични ствари

Денес благодарение на интернет техноголијава, каде каде е полесно да се дојде на последата сликичка, а кога само ќе се сетам на СП ’94 и на последната сликичка од Ромарио и како само дојдов до нејзе… Е тоа е се тие години. Сега е топ, има групи по сајтовиве се организираме и паѓаат „групњаци”. Со еден до два такви организирани настани албумот може да се пополни. Е сега, једина мука понатаму останува тоа „иам иам иам… “(зборење и дишење на уста истовремено, во полза на времето како би завршил побрзо). Ко деца неизбежни беа тапкања, играње на ќар и слични комарџиски игри, имаше тука и „пички и плачки”. Сега сум ван тие збиднувања, иако искрено би изиграл некоја партија на „Ќар до коска”.

Фудбалот и љубовта кон него 

Раните ’90-ти како години кога јас почнав да пратам фудбал мислам дека имаа големо значење за фудбалот како едно спортско и културно натпреварување, значење кое можеби сега од оваа дистанца и неможе баш убаво да се види, меѓутоа за десетина години мислам дека ќе биде појасна сликата, за тоа дека фудбалот полека почна да се модернизира и да привлекува калибар на вљубеници – фанови на кои фудбалот им е повеќе мода, наспроти оние кои од претходно со страст и пасија го гледаат и пратат. Мислам дека правите, хардкор и ултрас фанови, се оние од тоа време. Не дека сега во ова време не може да се родат такви, туку самиот фудбал некако се промени и повеќе станува мода или шема, отколку страст и пасија. Е сега јас кој себе си се смета за страствен љубител на фудбалот можам да кажам дека фудбал пратам од кога знам за себе, сè некако ми е поврзано со фудбал – од дресчиња, копачки за деца до лиценцирани фудбалски топки и дресови. Тоа беа поклоните што ги добивав ко мал, иако сум растен во тотално нефудбалска фамилија. Маалото и маалскиот живот исто така поврзуваа со фудбал. Тогаш актуелни клубови и европски и светски шампиони како Црвена Ѕвезда и Милан најмногу влијаеа да фудбалот стане страст кај мене, а конктерно Милан го доживувам како бренд во фудбалот, нешто како „Зденка” за топено сирење или што и да е.

 

Колекционерството на Панини кај нас

Во нашава држава со стандардов каков што го имаме, милам дека сме добри и дека добро котираме, иако тоа најдобро би требало да го знаат дистрибутерите на Панини во Македонија. На организираниве собири можат да се видат луѓе од разни бранши и возрасти што ме радува и ме поттикнува да собирам и понатаму. Во крајна линија се социјализираме, а јас сфаќам дека не сум единствена будала која троши пари за сликици на овие години… хахахаха

Омилен албум и сликица

Секој албум го сакам поради одредена причина, еве на пример Италија’ 90 го сакам затоа што ми е прв што сум го собирал, УСА ’94 го сакам затоа што „мама ми е*е..” за да го соберам, а додека Дојче 2006, иако најмалку пополнет, го сакам затоа што Италија стана шампион. Многу драги ми се и албумите од ’78 и ’82 кои ми се поклон од комшии (ги добив како подарок затоа што бев послушен и редовно и брзо им купував цигари коа ме праќа по нив). Сепак за омилен го издвојувам Евро ’92 во Шведска каде сме застапени и ние во рамките на Југославија и тоа со тројца Македонци како Најдовски, Панчев и Станојковиќ.

 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија