Наслов

Овој петок, работилница за пренатална јога

Јога-сојузот на Македонија, како дел од активностите по повод јубилејот 30 години специјализирани курсеви за бремени жени, организира бесплатна работилница за пренатална јога.

Во склоп на работилницата која ќе се одржи овој петок на 28-ми март во просториите на Центарот за интегрална јога во Црниче, идните мајки кои немале искуство со јога ќе можат да се запознаат со бенефитите кои таа им ги нуди ним и на нивното бебе во овој период од животот. Исто така, покрај информирањето, тие ќе имаат можност да се здобијат и со лично искуство на практикување пренатална јога.

Во разговор со Даница Ивановска Лепојевиќ, постар инструктор и психолог во Јога-сојузот на Македонија, таа ни спомена дека бројот на бремени жени кои се заинтересирани за ваквите часови по јога не е воопшто мал, па преку оваа работилница, таа, заедно со Анастазија Терзијева Илиева, исто така постар инструктор по јога, ќе имаат можност да ги запознаат идните мајки со основите на јогата за бремени.

Работилницата ќе содржи практичен час со специјализирана програма за бремени жени, запознавање со придобивките од практикување пренатална јога во однос на подобрување на психо-физичката состојба на бремените жени, помош при чинот на породување, стабилизирањето на жената после породувањето и односот на мајката кон детето во текот на бременоста и после тоа.

Работилницата е бесплатна, а учесничките ќе си заминат и со подарок од страна на соработниците на Јога-сојузот во овој проект - списанието МАЈКА И БЕБЕ.

Додатни информации можете да добиете тука

26 Март 2014

За авторот