Откријте го Крушево

На 27 јули 2014 година, сите ние ќе имаме одлична можност преку забава, спорт, авантура и уживање во една фантастична природа подетално да се запознаеме со највисоко поставеното гратче во Македонија и на Балканот, прекрасното и единствено Крушево.

Откриј го Крушево / Discover Krusevo ќе биде целодневен настан кој оваа недела ќе ја претвори во подостапна можност граѓаните да уживаат во природата, културата, авантурата и спортските потенцијали на овој град.

Настанот е во организација на Центарот за развој на Пелагонискиот регион, Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси имплементиран од Карана Корпорација, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во РМ и Општина Крушево а неговата цел е да се промовира комплетната туристичка понуда на градот Крушево и да се претстават сите негови туристички потенцијали пред домашните и странските туристи.

Во програмата на овој настан кој ќе се одржува на секое ќоше низ Крушево предвидува разноразни активности, културни манифестации, спортски и авантуристички доживувања, уживање на многубројните традиционални локални деликатеси, прошетки низ локалитети, работилници и музеи познати за овој град со што се нуди една одлична можност луѓето да се запознаат со градот и релаксирано да си го поминат денот.

Покрај неколкучасовната журка која ќе се случува на Мечкин камен, разгледувањето на градот со жичара и коњ, можноста за посета на музеј-леарницата за старо оружје, работилницата на Миле Бочварот и спомен куќата на Тоше Проески, поактивните граѓани ќе имаат можност да се вклучат и на повеќе спортски и авантуристички активности.

Имено, секој купен билет за настанот ќе биде вклучен во наградната игра преку која покрај другите интересни награди ќе се доделат 20 бесплатни летања во тандем со параглајдер. Крушево е една од најпознатите параглајдинг локации во светот, а изминатава недела се одржува и една фаза од светскиот куп во овој спорт.

Дополнително, опција имаат и оние што сакаат да пешачат или возат велосипед на четирите новообележани патеки до Мечкин Камен, Св. Спас, меморијалниот крст и ски лифтот.

Патеките покриваат повеќе од 40 километри низ недопрената природа на Крушево и се за секаков вид спортисти – рекреативци и професионалци, а ако немате сопствен, имате можност да изнајмете велосипед во хотелот Монтана.

Повеќе информации можете да најдете на следниот ЛИНК.

Се гледаме во Крушево.

Воведна слика – фото – www.travel-macedonia.com.mk

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија