Искачување на Олимп

Олимписко патешествие

Изминатиов викенд во организација на ПК Македон од Скопје се случуваше искачување на највисокот врв на Олимп – Митикас (2917 мнв).

После толку искачени врвови во нашата земја, решив да одам чекор погоре, и дојде денот кога тргнав во освојување на Олимп. Масивна планина со многу густи шуми, а делот со врвовите е целосно карпест – моќни карпи.

Петок 13-ти беше денот на нашето поаѓање кон Грција. 15-члена екипа се собра на паркингот карши саем, сите на куп среќни и возбудени дека ќе го искачуваме вториот по висина врв на Балканот – Митикас (2917 мнв). На сите ни беше прв пат, освен на водичот Алек, кој бил преку 7-8 пати.

По пат за Грција до кампот Евридики не следеше облачно и врнежливо време, а на еден дел од патот и преубаво виножито. Вечерта стигнавме во кампот, наместивме шатори на куп, се создаде македонско селце од шатори. Малку се опуштивме, кој со пивце кој со ракија, демек за полесно да заспиеме и да одмориме пред големиот ден.

Саботата наутро се разбудивме околу 4 и пол часот, без поголеми проблеми сите станаа наеднаш, некои дури и око не склопија од возбуда, се спремивме, пристигна Доне возачот, не собра во комбето и не однесе горе по планините. Не остави на 1100 метри и ни рече ќе се вратам попладне по вас, пријатно планинарење!

И така почнавме полека да искачуваме по шумите, кој со појако темпо, кој со послабо, но за време на паузите сите се собиравме заедно. Патеката е исклучиво стрмна, но и долга до врвот и бара добра физичка спрема. Како се искачуваме се погоре и погоре ни се отвараа нови видици, надолу синото море, а нагоре карпестиот дел кој ни претставуваше предизвик за искачување, и едвај чекавме да стигнеме до тој дел.

Во домот Giosos Apostolidis на околу 2700 метри се собравме сите, испивме по некој чај, јадевме, собравме доволно енергија за последниот дел, карпестиот, кулоарот до Митикас. Кога стигнавме до кулоарот и на сите погледите им беа насочени нагоре и со мисла што треба да се искачи, предизвикот беше голем, но и адреналинот порасна, и полека еден позади друг почнавме со раце со нозе карпа по карпа нагоре, погледот надолу беше застрашувачки, а од друга страна убав.

И после 45 минутно искачување се наѕираше знаменцето кое стои горе на врвот, тоа означуваше дека конечно пристигнуваме на врвот, и бидна, стигнавме. Од сите страни ни се отвори прекрасна глетка која те обзема. Направивме по некоја фотка, се потпишавме во книжулето, каснавме по нешто и почнавме полека надолу. Алек поставуваше јаже на неколку места, со што симнувањето одеше ко песна.

Откако се симнавме од кулоарот не чекаше доооолг пат за надолу, што лично мразам симнување, понапорно, заморно и досадно, но со друштво како и да е ќе помине. Доне пристигна со комбето малку подалеку од каде што не остави утрото, а за нас поблиску, а ние пресреќни што го качивме Митикас, а и го дочекавме крајот на патеката до комбето. Во Литохоро јадевме по некое гиро, и правец назад во кампот. Прва работа што ја направивме по пристигањето, иако дуваше ветер и беше свежо, дел од екипата се брцнавме во топлото море, заслужна награда!

Неделата помина искулирано на плажа, со пивце, споделување импресии од претходниот ден и зезање. Дојде и моментот кога си собравме шаторите, Доне како офицер ни нареди во 4 часот да се нацртаме пред комбето и да тргнеме за дома. Сите среќни и задоволни од ова патешествие се вративме во нашето Скопје, и сеуште се соземаме и си ги средуваме импресиите.

За да ја доловам прикаската поубаво, спремив еден видео запис, погледнете и уживајте! До следната тура…