Наслов

Охрид Треил - финален повик за учество на уникатно планинско трчање

Следниот викенд на 25 мај со старт од Свети Наум и Елешец ќе започнат две планински трки во рамки на првото издание на настанот Охрид Треил. Биди дел од настанот, уживај во природата и предизвикај се себеси на планинскиот терен.

Пријавувањето за трката завршува заклучно со оваа недела - 19 мај, а заинтересираните може да одберат помеѓу две дистанци на интересни и возбудливи планински трки - 35 километри со 1450 метри висинска разлика и друга, доста потешка стаза од 60 километри со 3100 метри висинско искачување и спуштање.

Учесниците ќе имаат можност да трчаат низ некои од најживописните терени на планината Галичица а финишираат во самиот центар на Охрид - пред Домот на Културата. Трките ќе се одвиваат во текот на целиот ден 25 мај - со старт во 8 часот за 60-километарската стаза и во 10 часот за пократката. Лимитот за финиширање е 18 и 23 часот истиот ден. Доделувањето на наградите и заедничкиот ручек и дружба се закажани за недела 26 мај.

Секој учесник ќе добие пакет со техничка маичка за трчање и марама, а финишерите добиваат уникатен финишерски медал. Досега се пријавени 160 луѓе од 19 земји меѓукои и Австралија, Словенија, Полска, Турција, Австрија, Русија, Унгарија, САД и Велика Британија.

Настанот е во заедничка организација на здружението за планинско трчање „ТРЕКС" од Скопје кое веќе долги години работи на повеќе планински трки низ Македонија како Крали Марко Треилс во Прилеп, Струмина Треил во Штип и Водно-Матка во Скопје и Асоцијацијата „Спорт за сите – Сите за спорт" од Охрид кои пак се сконцентрирани на развојот на спортско-рекреативните настани во Охрид преку организирање на трката Охрид ТрчаТ и балканското првенство во триатлон во коорганизација со Македонската триатлон федерација.

Целта на оваа трка е да се искористи планината Галичица и природните убавини на Охрид и Преспа за да се изгради светски препознат спортско-рекреативен настан кој во комбинација со културно-историското наследство на регионот ќе има и голема туристичка вредност.

Повеќе информации може да се најдат на официјалниот вебсајт - www.ohridtrail.mk

16 Мај 2019

За авторот