Одлично прво издание на велешкиот полумаратон

Овој викенд на 6.11. се одржа првото издание на Велешки полумаратон кое помина во одлична атмосфера и околу 200 натпреварувачи на двете трки на 21км и 5км. 

Во целокупна одлична организација и посетеност од нешто повеќе од 200 натпреварувачи се одржа овогодинашниот и воедно прв полумаратон во Велес. Истиот беше во организација на Советот на млади на Општина Велес во соработка со група на граѓани и одлична помош од велешаните Срѓан Милошевски и Мијалчо Андоновски. На репертоарот имаше две трки од 21км – полумаратон и трка на 5 километри. 

На полумаратонската трка настапија околу 112 натпреварвуачи од кои 108 официјално ја завршија а на помалата трка земаа учество околу 100 натпреварувачи. 

Официјалните резултати за полумаратонот можете да ги погледнете тука каде во машка конкуренција доминираше тимот MC Running каде прво и второ место место земаа Дарио Ивановски со време од 1:14:57 и Игор Јакимовски со 1:18:37, а трет заврши Хамим Чилафи 1:22:58. 

Кај жените прва беше Ангелина Пановска 1:44:49, позади неа беше Тина Пановска 1:50:50 а на третото место заврши Ирена Стоименова 1:51:06. 

На пократката 5-километарска трка резултатите беа следни: мажи – Дарко Поп Ацев 17:09, Никола Ѓелов 17:20, Кристијан Китанов 17:24, а во женска конкуренција Марго Бојаџиева 20:06, Марија Богдановска 21:05 , Кристина Даркоска 23:20. 

Посакуваме оваа трка да прерасне во одлична традиција за велешани. 

ФОТО – Јовица Јованчев 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија