Наслов

Одличен настап на нашите тркачи на Пирин Ултра 2018

Овој викенд со старт и финиш во Банско се одржа третото издание на трката Пирин Ултра каде од нашата држава учество земаа три претставници на двете трки во должина од 160 и 66 километри. Мери Мирческа успеа да го освои првото место во женска категорија на долга трка од 160 километри, а Александар Кирковски успеа да се пласира како 15-ти во генерален пласман меѓу едни од најсилните имиња во овогодинашнито издание на светската Скајранинг лига.

Трката Пирин Ултра се одржува од 2017 година, а учесниците може да се предизвикаат на две од исклучително интересните и технички тешки патеки кои се одвиваат на еден од најубавите планински масиви на Балканот.

Долгата стаза е со должина од 160 километри и 11000 метри висинско совладување, а ова година на истата настапија околу 50-тина учесници. На наше задоволство, прва жена на трката беше Мери Мирческа од Прилеп која успеа да заврши со време од 42:57:33 што воедно ја стави и во првите 10 финишери на трката. Втора беше Бугарката Анета Ралчева, а трета Адина Типеи од Романија.

Мирческа на врв Пирин

Кај мажите прв беше Божидар Антонов од Бугарија со време од 29:33:22, а второ и трето беа Димитар Атанасов и Калојан Пеичев.

Пократката дистанца од 66 километри и 4400 метри висинско искачување, оваа година за прв пат беше дел од светската Скајранинг Серија во класата Скај Екстрим. Ова воедно беше и финалниот дуел во битката за подиумските места каде настапија некои од најдобрите планински тркачи од целиот свет.

Првото место му припадна на Пере Аурел 07:44:40 кој воедно беше победник и во класата Скај Екстра за оваа година, втор беше Бенат Мармисоле 07:50:24 а трет Димитри Митаев со 08:04:28.

Од нашите претставници најдобро време оствари Александар Кирковски кои се пласираше на 14-тото место во машка конкуренција со време од 09:55:05, а позади него беше Димитар Тодоровски кој заврши на 29-тото место со време од 11:51:06.

Кај жените прва беше Британи Петерсон 09:01:59, втора Емили Хагвуд 09:38:41, а трета Антонија Григорова од Бугарија - 09:39:03.

Официјалните резултати се тука.

08 Октомври 2018

За авторот