Наслов

Одличен настап на нашите тркачи на Гермија Ултра Треил во Косово

Во пеколно топол планински викенд на падините на паркот Гермија близу Пришитна, овој викенд се одржа првото издание на трката Гермија Ултра Треил каде учествуваа повеќе планински тркачи од Македонија кои остварија одлични резултати. 

На првото издание на овој спортско-рекреативен настан во планинско трчање се одржаа две трки во должина од 28 и 51 километар со соодветни висински искачувања кои минуваа низ густите шуми на питомиот парк Гермија кој се наоѓа северо-источно од Приштина. Трките ги посетуваа околните села и ридови како и локалниот резерват за мечки кој се наоѓа во близина на Бадовачко езеро. 

На кратката трка во конкуренција од 200 тркачи, од нашата држава најдобар резултат оствари Марјан Бонев со освојување на второто место со време од 2:34:05, а четврт беше Александар Стојкоски со време од 2:40:35. Во женска конкуренција на оваа трка од нашите учеснички, третото место го освои Ирена Стоименова од АК Делта со време од 4:16:39. 

 

На долгата дистанца доминираа македонките Катерина Шиповиќ која со време од 7:00:45 го освои првото место, втора беше Сања Најдовски со време од 7:05:46, а четврта заврши Мартина Милева со време од 7:18:12. 

Во машка конкуренција второ место освои Игор Јовановски со време од 6:07:01. На оваа трка настапија 120 тркачи од повеќе земји. 

Клубот за планинско трчање Трекс од Скопје настапи и со многумина други натпреварувачи на двете трки со што успешно ја претстави нашата држава на оваа трка. 

10 Јуни 2019

За авторот